Во вечерашното гостување на Сител, скопскиот градоначалник Петре Шилегов рече дека поранешна претседателка на Советот на Општина Центар гласала за ДУП кој се однесувал за нејзиниот имот на Водно, иако, како што рече, требало да се одземе од таа категорија. А сега, пак, додава градоначалникот, токму таа поранешна претседателка на Советот на Општина Центар ја предводи иницијативата за да не се применуваат ДУП-ови на определена област во нашиот град, односно за градење спроти хотелот „Холидеј Ин“.
Политичкото лицемерие сериозно треба да го извадиме од она што се вика урбанистичко планирање. Не можете поради сопствен интерес од позиција на претседател да инсистирате и да донесете ДУП, а од друга страна, онаму каде што немате некаков личен интерес, сега да креваме прашина во јавноста. Ако имате мораториум, морате забрзано да влезете во постапки на донесување на ДУП – рече Шилегов.
Пораките коишто ги праќавме во кампањата во 2017 година, додаде тој, биле дека ќе се гради по план, а не дека воопшто нема да се гради.
Ние треба да бидеме робови на законот и параметрите коишто се прредвидени во ГУП мора да бидат почитувани и согласно нив да бидат усогласени ДУП-овите. Само тука може да биде излезот, а сè друго е субјективно гледање – вам можеби ви се допаѓа висококатница, а мене можеби не ми се допаѓа, и обратно – истакна скопскиот градоначалник.
Меѓу најгласните инјицијатори за суспендирање на ДУП-от за да се спречи градбата на парцелата спроти хотелот „Холидеј Ин“ е Јана Белчева, сега советник, а поранешен претседател на Советот на Општина Центар. Сепак, градоначалникот Шилегов не прецизираше дали мисли токму на Белчева и не соопшти детали за каков нејзин имот станува збор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.