Предизборно се планира приватизација на службените лаптопи, ексклузивитет за кошаркарскиот клуб Работнички и вработувања во Општината, реагираат од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, која со независна листа за советници предводена на Јана Белчева ќе учествува на претстојните локални избори.

Спорните предлог-одлуки на кои се однесува реакцијата на иницијативата е во пресрет на седницата на Советот на Општина Центар закажана за в четврток (16 септември) кога тие се на дневен ред.

Во една од точките станува збор за службените лаптопи што ги добиле советниците од советничкиот состав во заминување за кои се предлага откако ќе им истече мандат советниците да ги задржат. „Шанса за Центар“, пак, во својата реакција бараат таблетите и лаптопите да се донираат во училиштата на Општината.

„’Шанса за Центар’ потсетува дека улогата на советот законски е огромна и предвидува дека избраниците на граѓаните на локално ниво решаваат за петнаесетина клучни надлежности на општината без кои не може градоначалникот сам да носи одлуки, а една од нив е дека ’решава за начинот на располагање со сопственоста на општината‘. Од тука граѓанската иницијатива ’Шанса за Центар‘ нагласува и ги потсетува дека советниците имаат клучна улога во носењето на политики кои треба да го унапредат квалитетот на животот на сите жители на општината. Советниците треба да дејствуваат во корист на жителите на општината од кои се избрани, а не во корист на политичките партии што ги предлагаат“, велат од Иницијативата.

Во реакцијата, од „Шанса за Центар“ потенцираат и дека се против тоа клубот Работнички да има ексклузивитет над спортските сали бидејќи, нагласуваат, нивниот став е дека времето во салите треба рамноправно да се распредели на сите спортови за кои децата имаат интерес.

Особено што Работнички салите ги добива без надомест, а родителите плаќаат полн надомест за децата да тренираат“, додаваат од Иницијативата.

Последната спорна точка за седницата в четврток на која реагираат независните кандидати за советници е што се предлага да се одвојат пари за нови 26 вработувања од општинскиот буџет за 2022 година.

На речиси еден месец до локалните избори сметаме дека ова е начин за поткуп на гласачите на кои им се ветуваат вработувања ако победи мнозинството во досегашниот совет, односно коалицијата предводена од СДСМ“, велат од „Шанса за центар“ и потсетуваат и дека Изборниот законик предвидува дека од денот на распишување на избори до нивното завршување не може да се започне постапка за вработување на нови лица или за престанок на работен однос.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.