Општина Бутел од вчера започна со реализација на еден од трите капитални проекти кои во својата изборна програма ги најавуваше новиот градоначалник Дарко Костовски. Станува збор за уредување на коритото на реката Серава по целата нејзина должина, како и уредување на кејот со изградба на пешачка и трим патека.

Чистењето ќе се одвива во неколку фази.

Започнуваме со чистење на коритото на реката Серава во Радишани, потоа ќе продолжиме во Кучевишка Бара и во Бутел 1. Кога ќе заврши чистењето на коритото ќе продолжиме со уредувањето на кејот со сите придружни елементи. Со тоа овој децениски проблем ќе биде надминат, а бутелчани ќе добијат место за рекреација – изјави Костовски.

Во зависност од временските услови се очекува до напролет да биде исчистено целото речно корито на Серава и да се почне со хортикултурно уредување на кејот на реката Серава, кое предвидува изградба на пешачка и трим патека, како и поставување на клупи.

За почеток чистењето на коритото на реката Серава ќе биде помогнато од општествено одговорни фирми на територијата на општина Бутел, така што во овој период локалната самоуправа нема да има никакви трошоци во спроведување на првата фаза од овој проект. За наредната фаза во буџетот на Општина Бутел за 2022 година ќе бидат предвидени средства за оваа намена.

Новиот градоначалник Дарко Костовски по стапувањето на функцијата се зафати со чистење на депониите. Лоцирани се 12 локации на територијата на општината што ќе бидат отстранети за помалку од една недела.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.