Започна реконструкцијата на Универзалната сала во Скопје. Столчињата од гледалиштето што имаше капацитет да прими околу 1.500 лица деновиве беа изнесени од објектот – симбол на солидарноста што целиот свет ја покажа кон Скопје по земјотресот од 1963 година, пишува Мета.

Просторот околу Универзална сала е ограден веќе неколку недели, а во моментов се врши и ископот на земја на платото пред концертната сала. Градот Скопје на почетокот од јуни годинава го склучи договорот за реконструкција на Универзална сала, кој е во вредност од речиси 1,9 милиони евра.

Градежните работи на терен ќе ги изведува скопската фирма „Универзал-Балкан“, додека архитектот Бујар Муча и неговото архитектонско биро „Мегарон“ на Градот Скопје и на скопјани им го отстапија идејниот проект за реконструкција на Универзална како донација.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов вети дека автентичниот изглед на Универзална сала нема да се менува, објектот ќе го задржи постојниот облик и големина за да се сочува колективната меморија за Универзална како симбол на меѓународната солидарност искажана кон Скопје по катастрофалниот земјотрес од 1963 година.

Историските податоци велат дека Универзалната сала започнала со работа во далечната 1966 година. Концертната сала беше затворена во 2015 година, откако подолг период претходно чекаше да дојде на ред нејзината реконструкција. Во меѓувреме, во времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ беше преименувана во „Конгресен центар Александар Македонски“. – пренесува Мета.

Фото: Мета



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.