Црвениот крст на град Скопје и општинските организации на Црвен крст на територија на град Скопје со координирани активности ќе го одбележат Светскиот ден на Првата помош под мотото „Биди херој во твоето училиште“.
Од Црвениот крст соопштија дека како дел од планираните активност, а во насока на зачувување на здравјето и безбедноста на учениците и наставниот кадар, ќе донираат наменски опремени ранци со санитетски материјали и останата опрема за укажување прва помош за 31 средно училиште на територија на градот Скопје. Во секое училиште ќе биде обучена екипа за правилно и навремено укажување на прва помош, а едукациите ќе бидат контунирани во текот на целата година. Обуката ќе се реализира во координација со Општинската организација на Црвен крст на чија територија се наоѓа училиштето.
Доделувањето на ранците, прирачниците и елечињата ќе се реализира утре во паркот „Жена борец“ во Скопје. За време на настанот екипи од Црвен крст ќе демонстрираат давање прва помош пред присутните граѓани.
Знаењата и вештините за укажување прва помош треба да бидат дел од сечие секојдневие, бидејќи се применуваат во секој сегмент во животот. Во оваа насока подеднакво се важни едукациите по прва помош за учениците од средните училишта, кои ќе можат на своите соученици во случај на итност да им дадат прва помош – се наведува во соопштението на Црвениот крст.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.