Додека секаде прво се избира фирма која ќе работи на проект, а потоа се работи на проектот, тоа не е случај со градот Скопје и неговото ЈП Водовод и канализации. Таму прво се вршат работите, а потоа се објавува тендер каде се бира фирмата која работела. Но, на кој начин работела и како била избрана, тоа го знае само директорот на претпријатието Душко Весковски, човек за кој е познато дека важи за близок до скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
Станува збор за реконструкција на водоводната мрежа на улицата „Варшавска“ во скопски Карпош каде работата на терен започнала три месеци пред да ја изберат фирмата, поконкретно пред да биде избрана на тендер.
На 6 октомври 2020 година за извршување на работите на „Варшавска“ била избрана фирмата КБК Инженеринг, но тоа што е скандалозно и каде постои сомнеж за сериозен криминал е тоа што оваа фирма започнала да работи 3 месеци пред да биде официјално избрана, односно на 14 јули 2020 година.
Датумот 14 јули е само еден ден пред да се одржат предвремените парламентарни избори минатата година, и како пред секои избори, очигледно е дека сакале да покажат дека нешто работат. Но, сепак спорно е како работеле, а според документите – работеле незаконски.
ВМРО-ДПМНЕ, кое ја отвори аферата запраша на кој начин и како се договориле Весковски и ЈП „Водовод и канализации“ со КБК Инженеринг работите за реконструкција да започнат во јули и тоа без јавна набавка?
Весковски се обиде да се извади со тоа дека Предметната јавна набавка е започната во 2019 година по што е склучена рамковна спогодба со 5 најреномирани фирми од областа на нискоградбата во државата. Сепак познаваќите велат дека тоа што Весковски го крие е дека тоа е годишен избор на компании, додека пак за секоја реконструкција која треба да ја изведе ЈП Водовод и канализации, треба на посебна јавна набавка да одбере една од овие фирми, односно најповолен изведувач при негативно наддавање да се избере најниската цена која би ја дала една од петте фирми.
До моментот кога започнала реконструкцијата на водоводната мрежа на улица „Варшавска“ таква јавна набавка немало. Но, имало дури во октомври кога работата била завршена, и тоа го покажуваат и документите.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека јасно се гледа дека тендерот бил наместен токму за фирмата која за време на месеците јули, август и септември ја извршувале реконструкцијата на водоводната мрежа, но и дека без никаква документација, без никаква јавна набавка Весковски, блискиот човек на Шилегов, допуштил фирмата КБК Инженеринг да работи на терен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.