Градоначалникот на скопската општина Студеничани, Азем Садику, преку емисијата „Топ тема“ апелираше до жителите на оваа општина да избегнуваат поголеми собирања и максимално да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот, откако денеска позитивно на вирусот е петчлено семејство од оваа општина.
Во моментот, во Студеничани има 13 заразени од коронавирусот кои се на домашно лекување и се чувствуваат добро, а еден жител на општината почина, рече Садику.
Иако преку општината преземавме сериозни мерки на заштита, апелирам на максимална дисциплина за да спречиме понатамошно ширење на вирусот, за да си ги спасиме нашите и животите на нашите семејства. Комуницирам и со верските службеници, уште пред празникот ним им дадовме наредба да апелираат граѓаните да не излегуваат од дома за да може да се победи тоа зло, рече Садику.
Според него, во Студеничани немало поголемо собирање на граѓаните, но рече дека особено на почетокот, тие не верувале дека има вирус и голем дел не се придржувале кон мерките.
Последните два-три дена луѓето сепак ја сфатија опасноста и избегнуваат поголеми контакти. Затоа можеби нема да има потреба од карантин на општината, но мора строго почитување на мерките на заштита, вели Садику.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.