Родителите чии деца јадат топол оброк во осумте основни училишта во скопската општина Аеродром ќе мора да ја платат целата сума од 1.990 денари, а Општината ќе им враќа 500 денари секој месец. Договорите за топол оброк во второто полугодие им беа врачени на учениците во петокот. Родителите треба да го потпишат договорот со фирмата „Далма кетеринг“.
Но, враќањето пари кое го најави Општина Аеродром предизвика забуна кај родителите, кои уште не знаат на кој начин ќе биде тоа направено.
Постојат неколку начини на кои може да ни бидат вратени дел од средствата, но очигледно некој во Општината не ги познава сите законски прописи. Ако парите ни се враќаат на трансакциска сметка, дали тоа ќе значи дека ќе мора да пополнуваме даночна пријава за да докажеме на која основа сме ги добиле овие 500 денари следните пет месеци, гласно размислува еден родител.
Второто полугодие во осумте основни училишта во Аеродром почна без топол оброк за учениците во одделенската настава. Еден ден пред почетокот на наставата родителите беа известени дека постапката за избор на најповолен понудувач за топол оброк уште не е завршена.
Учениците нема да можат да примаат топол оброк првата недела од второто полугодие. Ве молиме да си обезбедите храна за тековната недела, пишуваше во е-мејлот кој го добија родителите.
Родителите беа незадоволни, бидејќи сметаат оти сè се прави во последен момент.
Една недела по почетокот на второто полугодие, од Општината соопштија дека децата ќе имаат храна во училиштето. Градоначалникот Златко Марин се сретнал со директорот одговорен за спроведување на набавката за исхрана на сите училишта, кој го известил дека е избрана фирма за подготовка на топол оброк за учениците, соопштија од Општината.
Инаку, претходно од Управата за јавни приходи е добиено известување дека данокот оваа година ќе изнесува 18 отсто, за разлика од минатата година, кога родителите плаќаа по 5 отсто, така што цената за топол оброк ќе биде зголемена. Со цел да им се излезе во пресрет на родителите, градоначалникот Марин донесе одлука разликата во цената да се субвенционира од општинскиот буџет за 2020 година и тие и оваа година ќе плаќаат иста сума како и минатата година, односно 1. 500 денари месечно, соопштија од Општината.
Од Општината велат дека тие немале законска основа директно да ѝ исплаќаат на фирмата што ја подготвува храната за учениците од причина што општина Аеродром не учестувале во тендерската постапка.
Преку општината може да се исплаќа субвенција од 500 денари месечно само на семејствата што имаат ученици во дневен престој или во целодневна настава претплатени за топол оброк. Ваквата практика функционираше и до сега преку субвенционирање на граѓаните за дел од трошоците за набавка на велосипеди, инветер-клими, печки на пелети и чистење оџаци, велат од општината.
На социјалните мрежи денеска се споделуваше фотогафија од топлиот оброк кој се послужува во основните училишта во Аеродром.
Инаку, на почетокот на училиштата година во Аеродром пропадна тендерот за училишните униформи. Првпат по пет години учениците на почетокот на новата учебна година не дојдоа облечени во униформи. Дел од нив одеа во старите, од минатите години, а дел не носеа. Униформите претходно беа задолжителни.
По неколумесечна пауза некои училишта добија дел од униформите, но голем проблем е што тие се со помали броеви, па не им беа точни на учениците. Не постоеше можност за замена, бидејќи немаше каде да се заменат. Родителите кои успеале да исконтактираат со фирмата која ги шие, добиле информација дека се уште не може да се сменат униформите ниту да се докупат, бидејќи уште се шијат.
Униформите се со погрешни броеви, ни кажаа адреса каде се наоѓа продавницата во која наводно се продавале и менувале униформи од новата фирма. Ама тие што биле тврдат дека таква продавница на таа адреса нема. На фиксниот телефон на фирмата никој не се јавува – вели мајка чие дете е 4 одделение.
Медиумите објавија дека фирма регистрана за трговија на големо со шеќер, чоколадо и слатки од шеќер „ФИВА“ ДДФ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје го добил тендерот вреден 178 илјади евра за шиење на униформите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.