Град Скопје го раскина договорот за проектирање на тунелите под Кале со турската фирма „Мега инженеринг консалтинг АД“ бидејќи не ги испочитувале роковите за изработка на проектот.
Ветувањето на градоначалникот Шилегов беше дека до 2022 година требаше да имама уште еден мост преку реката Вардар и тунел под Кале со што во Скопје ќе има алтернатива за побрзо движење и поврзување на булеварот „Свети Климент Охридски“ со булеварите „Никола Карев“ и „Македонско-косовска бригада“.
Град Скопје на 12 јуни лани склучи договор со турската фирма која заедно со Завод за испитување на материјали и развој на нови технологии од Скопје, за 6 месеци требаше да ја проектира сообраќајницата, мостот преку Вардар и тунелите под Кале. Рокот беше продолжен за плус 6 месеци, но ниту тој рок не е испочитуван, па договорот е раскинат.
Градоначалникот Петре Шилегов вели дека не се откажува од овој капитален проект за Скопје, најавува нов тендер за проектант и верува дека до крајот на својот мандат ќе ја почне реализацијата на долго најавуваната идеја за тунели под Кале, сообраќајница која е зацртана во Генералниот урбанистички план уште во 1964 година.
Проценките беа дека овој капитален проект ќе чини 30 милиони евра, а во употреба би требало да се пушти кон крајот на 2021 или на почетокот на 2022 година.
Но, со оглед на одложувањето, сигурно е дека најмалку една година ќе доцни и планираното пуштање во употреба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.