Група на граѓани набрзо ќе достави иницијатива до Уставниот суд за испитување на уставоста на спорниот профитерски ДУП во Хром, најавуваат загрижените жители на оваа населба.
Советниците на СДСМ, на предлог на градоначалникот Наумовски, на седница на советот донесоа нов ДУП за населба Хром, со кој предвидуваат изградба на околу 100 згради за колективно домување во оваа населба.
Имајќи во предвид дека ДУП-от беше носен во една нетранспарентна, сомнителна постапка и со истиот се предвидуваат огромен број на нови згради, кои значително ќе го нарушат живеењето во оваа населба, најавуваме дека како група на граѓани ќе поднесеме иницијатива до Уставниот суд на Република Македонија со која ќе ја оспориме одлуката за донесување на овој ДУП за нас. Ќе побараме одлуката да биде поништена, а до донесување на одлуката да биде донесена времена мерка со која ќе биде стопирана реализацијата на овој ДУП- најавуваат граѓаните.
Градоначалникот на Ѓорче Петров при изработка на овој ДУП не го почитуваше принципот на хумано живеење како основа во урбанистичкото планирање, а апетитите за повеќе згради му беа водилка при донесување на истиот и од таа причина ќе се обидеме да го спречиме овој урбан хаос кој се наметнува во Хром- додаваат загрижените жители на Хром.
Инаку на Уставен суд падна и ДУП-от на Аеродром, кој имаше за цел целосно забетонирање на оваа населба. Пред неколку дена судиите го прогласија за неуставен Деталниот урбанистички план со кој е предвидено буквално да никне нов станбен комплекс на просторот покрај булеварот „Трета Македонска Бригада“, на потегот од „Американ колеџ“ кон Лисиче. ДУП-от го оспориле пред уставните судии опозициските советници во општината, во мај лани.
Тоа е добро, но она што загрижува е што многу е веројатно дека во овој дел нема да може да се спречи никнувањето на нова населба, оти дозволите за градба се издадени – а на места веќе и се работи со полна пареа. Без разлика што Уставен суд пресече. Според спорниот ДУП, на овој потег треба да има 4 нови станбени блокови со површина од над 90.000 м2. Тоа се 4 нови висококатници, од кои 2 нови станбени згради со висина од 8 ката и 40.000 м2 површина и две нови деловни згради со висина од 5 ката и 50.000 м2 површина. Она што загрижува е што тука е предвидено нешто помалку од 2 проценти зеленило.
Што ќе направи сега градоначалникот Златко Марин? Аеродромци се надеваат дека нешто може да се промени, но опозициските советници се песимисти. Велат дозволите се веќе дадени, а општината нема да има толкава финансиска моќ да ги обештети сите оние што веќе добиле маркици – да престанат да градат. Слично како во случајот со огромната зграда кај „Мајчин дом“. Кога се поставуваа темелите и претходно, жителите се обидуваа преку жив штит да спречат тоа зеленило таму да се претвори во бетон – но безуспешно.
Градоначалникот прави се само за личен профит, без да слуша мислење од другите, па оди контра и Уставниот суд кој кажа „не“ за градење. Со овој ДУП е предвидено и помалку од 2 проценти зеленило, а ветуваа се и сешто. Нема ниту паркови, ниту зеленило, но затоа има градежни машини кои активно работат на новата станбена населба, вели советникот на ВМРО ДПМНЕ во оваа општина- Пане Антовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.