Град Скопје доби нова противпожарна скала од 45 метри. Станува збор за повеќенаменско возило кое има пумпа за вода со капацитет од 45 илјади литри во минута, а може да се користи и како кран за подигнување на тежина до четири тона.

Противпожарната бригада на Град Скопје, заедно со припадниците на специјалната антитерористичка единица „Тигар“, преку симулација, денеска ја презентираа повеќенаменската скала каква што, според градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, до сега немало во историјата на Македонија.

Оваа презентација ја правиме со цел граѓаните на Скопје да можат визуелно да се запознаат со перформансите што се нудат со ова возило и оваа опрема, а тоа е многу важно, затоа што ќе значи спасени животи на нашите сограѓани, но и на хероите на градот, припадниците на Скопската противпожарната бригада, истакна Шилегов, кој дополни дека возилото ги задоволува најновите безбедносни стандарди за спасување при пожари, но, и други непогоди со кои што се справуваат единиците на Противпожарната бригада.

Со ставање во употреба на оваа специјализирана опрема, како што посочи Шилегов, Противпожарната бригада на Град Скопје е првата во државата, но и во регионот, која  може валидно да учествува во сите НАТО вежби како добро опремена и добро екипирана противпожарна бригада.

Брзо и ефикасно можеме да ги спасуваме сите наши граѓани кои живеат повисоко од петтиот кат во Скопје, што до сега беше многу тешко изводливо. Од срце посакувам никогаш да не треба да ја користиме оваа опрема, а моите сограѓани од денеска ќе можат мирно да спијат не плашејќи се дали ќе преживеат евентуален пожар на 8 или 9 кат во нивната зграда, рече Шилегов.

Симулацијата се одвиваше во повеќе фази, а најголемо внимание беше посветено на презентацијата на мултифункционалната скала.

Командантот на Противпожарната бригада, Владимир Симоновски, се заблагодари што Град Скопје ја препозна, како што кажа, „неопходноста за опремување на бригадата“ при што дополни дека ова не е само вложување во подобра опрема, туку и влог во безбедноста на граѓаните.

Со оваа скала ќе бидеме дополнително во можност да се ставиме на услуга на граѓаните и нивното спасување. Нашата бригада како и единиците на Министерството за внатрешни работи редовно се вклучуваат во националните и регионални акции, а оваа скала ќе ни даде можност најефикасно да ја извршуваме својата работа, потенцираше Симоновски.

Набавката на противпожарната скала неодамна предизвика реакција кај опозицијата која обвини дека постапката е спорна, по што градоначалникот Шилегов самиот побара од Антикорупциската комисија да го испита случајот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.