На кејот на Вардар продолжи демонтирањето на галијата кај хотелот „Холидеј Ин“. Активностите продолжуваат откако скопскиот Апелационен суд ја укина времената мерка со која беше сопрено демонтирањето.

Причина за уривањето е раскинат договор откако фирмата „Сервис“ која управува со бродот не платила три закупнини, за што се тужат со Град Скопје пред Граѓанскиот суд.

Основниот суд во Скопје закажа рочиште на 7 јули на коешто јас кажав дека ќе го застапувам Град Скопје. За оние коишто не знаат, бидејќи гледам дека има разни контроверзии во градот, согласно законот, законски застапник на институцијата Град Скопје е градоначалникот на Град Скопје. Јас имам право да го застапувам овој Град во секоја постапка – изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Од Алсат-М, стапиле во контакт со управителот на фирмата „Сервис“ Жарко Миленковски, кој останува на истиот став од пред неколку денови дека уривањето на бродот е собирање политички поени на Шилегов.

Миленковски реагира дека уривањето е пред граѓанскиот суд да донесе пресуда за спорот меѓу нив и Град Скопје.

Лично на Градоначалникот му испратив две писма со молба да објасни како мисли да ни помогне, затоа што даваше изјави дека ќе помогнат на стопанството. Кога видов дека не одговара плативме сè што должиме 100%. Веднаш потоа договорот ни беше раскинат. Тоа е вистината. Сè друго е манипулација. На судењето на 7 jули може да дојде не лично Петре Шилегов, туку и Св. Петар да дојде фактите се, сепак, на наша страна – нагласува Миленковски.

Ова е втор обид за демонтирање на галијата. Првичниот, Шилегов лично го најави уште во април, па со времена одлука на граѓанскиот суд цели два месеца беше сопрено уривањето. Галијата од Вардар треба да заврши во склад на Град Скопје.

Станува збор за бугарска инвестиција и за случајот фирмата ги известила бугарскиот претседател Румен Радев, абмасадите на Бугарија и САД, како и делегација на Европската Унија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.