Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу вели дека е подготвен повторно да го урива објектот пред Мавровка, доколку сопственикот не го изгради како што беше претходно, односно ако излегува од габаритот и од видот на градбата.

После неколкумесечна пауза, на објектот повторно се работи.

„Објектот пред да го зафати пожар беше легализиран и беше со целосна документација. Во законот стои дека во елементарна непогода, поплава или пожар сопственикот може да го врати во првобитна состојба без да побара документација во Општината. Тој тоа го почна, но не го градеше истиот објект. Значи излезе од габаритите, од површина и од висина на објектот. Објектот беше со челична конструкција, а тој почна со друг вид градба односно го градеше со бетонска. Затоа ние почнавме постапки и го срушивме објектот – вели Ганиу.

Објектот пред Мавровка, беше урнат минатата година, со одлука на владина седница. На оваа владина одлука претходеа неколку неуспешни тендери на Општина Чаир за избор на фирма која ќе ги урива бесправно изградените објекти, а додека траеја административните процедури објектот пред „Мавровка“ излезе од темели и беше изградена една плоча над земја на местото на изгорениот објект.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.