Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Васко Кичевски, остварија средба со директорот на Скопски пазар АД Скопје, Младен Дамев и претставници на пазарџиите од „Зелен Пазар“ со цел да се надминат проблемите на паркиралиштето „Аутомакедонија“.

На средбата, како што соопшти Општина Центар, биле разгледани доставените барања од страна на пазарџиите, а се разговарало за нови ефикасни решенија кои се во интерес и на жителите и на трговците од „Зелен Пазар“ и притоа бил постигнат договор кој ќе го реши проблемот на ова паркиралиште.

ЈП Паркинзи на Општина Центар, во месец март ќе го уреди „дивиот паркинг“ позади „Зелен Пазар“ кој моментално е во хаотична состојба и не е функционален ниту за жителите ниту за корисниците на услугите на Скопски пазар. На ова неуредено паркиралиште ЈП ПОЦ ќе постави нов систем за контрола на влезно-излезни рампи, односно, едниот дел ќе биде наменет за товарните возила на пазарџиите, а останатиот дел ќе биде резидентен паркинг за жителите од ул. „11 Октомври“ и бул. „Кочо Рацин“. Со отворање на ова паркиралиште, паркиралиштето „Аутомакедонија“ целосно ќе се ослободи од товарните возила и ќе им овозможи на жителите брз и лесен пристап до нивните домови, се наведува во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.