На денешната седница на Советот на Град Скопје, советничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“, Ирена Попова, се осврна на реализацијата на буџетот за 2021 година, како и на транспарентноста којашто по четири години повторно е вратена во Советот на Градот Скопје, односно на отворените седници кои он-лајн се пренесуваат на социјалните мрежи со цел граѓаните да бидат запознаени со тековната работа на Советот на Градот Скопје, како и во однос на донесувањето одлуки кои се однесуваат на скопјани.
Во однос на реализацијата на буџетот на Град Скопје за 2021 година, Попова истакна дека и овој буџет не е ништо поразличен од оној во изминатите четири години, бидејќи едно заедничко нешто кое ги поврзува сите овие четири буџети е огромната нереализација на ветените проекти од страна на поранешниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов. Попова додаде дека доколку се разгледаат извештаите за реализацијата на проектите, ќе се забележат најмногу нули, коишто значат слаба, односно никаква реализација на проекти во градот Скопје.
Пред четири години скопјани требаше да добијат нов луна парк, односно самиот луна парк беше доведен до финална фаза и крајна реализација на истиот. Но, некој од најразлични причини или лична суета, решил да го стопира градењето на луна паркот во Скопје – истакна Попова.
Таа додаде дека поранешниот градоначалник Шилегов изминатите неколку години велел дека проектот ќе се предимензионира, односно на истата локација ќе никне нов забавен парк, но како што може да се види, истиот не е ниту почнат. Како што потенцира таа, тоа говори за лажните и празни флоскули кои Петре Шилегов ги користеше за замајување на јавноста цели четири години.
Ова го зборував и на изминатите седници во поранешниот советнички состав, но не можам да го заобиколам ниту сега. Зборуваме за локалниот економски развој. Замислете, од предвидени 51 проект за развој на локалната економија, реализирани се едвај десет проекти. Во однос на образованието, сакам да прашам каде се 280 милиони денари кои беа вишок во училиштата од дотациите предвидени исклучиво за развој на образованието?
Тоа се пари коишто Собранието преку донесувањето на буџет ги обезбеди за развој на образованието, но и покрај пренамената на средствата, очигледно е дека тие средства се злоупотребени и не се наменети за развој на младите воопшто. Да не зборуваме за програмата за животна средина, каде што се остварени само субвенциите за клима инвертери и електрични тротинети. Тоа значи дека апсолутно ништо не е направено ниту за животната средина – истакна Попова.
Попова праша и дали некој може да одговори како се потрошени средствата за извидничкиот камп, кога јавноста имаше шанса да види како малолетни лица биле злоупотребени и присилно натерани да учествуваат на камп за сексуална едукација.
Градот Скопје треба точно да знае кому доделува средства и за што се трошат тие пари, а не парите на граѓаните да се користат за злоупотреба на нивните деца – истакна Попова.
Во однос на привремени вработувања, Попова посчи дека поранешниот градоначалник Шилегов потрошил 28 милиони денари
За тоа може да се каже дека е единствената ставка каде што поранешниот градоначалник го сработил својот дел и ситуирал партиски другари во Градот Скопје. Петре Шилегов, како и сите негови соработници треба да одговорат каде се парите коишто не се искористени за развој на градот, а биле планирани, како и да им одговори на граѓаните каде се парите од продажбата на Градската Куќа – заврши Попова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.