Градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, поради хронична болка во пределот на бубрезите на ден понеделник 8 јуни, а по извршен медицински преглед и пропишана лекарска терапија, останува на домашно лекување и работните обврски ги извршува од дома, како и преку онлајн платформите за комуникација, информираат од Општина Гази Баба.

Во текот на вчерашниот ден, поради пројавени болки во пределот на градите, Георгиевски е упатен на дополнителни лекарски прегледи, по што по препорака на пулмолог е испратен на дополнителни испитувања во Клиничкиот центар во Скопје, каде му е направен и тест за Ковид-19 чии резултати денес се позитивни. Градоначалникот Борис Георгиевски во моментов е на Инфективната клиника во стабилна состојба, а неговото семејство е во домашна самоизолација, без никакви симптоми поврзани со коронавирусот, се вели во соопштението.

Исто така, во текот на вчерашниот ден е доставено известување од вработено лице во општината чиј тест за Ковид-19 е позитивен. Вработената во општина Гази Баба е во стабилна состојба, без симптоми и целосно ги следи препораките на лекарите и епидемиолозите.

Ја информираме јавноста дека во текот на своето работење, градоначалникот Борис Георгиевски, како и останатите вработени во општина Гази Баба постојано ги следат и почитуваат препораките и мерките за заштита од Ковид-19. Сепак, според протоколите за функционирање, општина Гази Баба веќе е во редовна комуникација со тим епидемиолози кои ја разгледуваат новонастанатата состојба и се преземаат нивните препораки и мерки за понатамошно постапување, се додава во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.