Почнаа градежни активносри за пробивање на новата улица, Есенинова, која ќе ги поврзува Кисела Вода, Аеродром и Центар, односно булеварите Борис Трајковски и Трета македонска бригада.

Изградбата на овој нов коридор има за цел намалување на притисокот на крстосницата кај „Тутунски комбинат“, односно ќе биде директна врска од Кисела Вода кон поранешното скопско сајмиште.

Новоизградената улица Есенинова ќе биде долга 730 метри, со променлива ширина, односно, ќе има две коловозни ленти и тротоари од двете страни низ Кисела Вода, а потоа четири коловозни ленти пред влезот во Трета македонска бригада. Предвидено е да се постави улично осветлување со 20 столбови, нова водоводна и канализациска мрежа и да се дислоцираат постојните резервоари и бунари кои се наоѓаат на таа локација. Вредноста на договорот изнесува околу 71 милион денари со вклучен ДДВ, а рокот за изведба е 22 месеца.

Булеварот Трета македонска бригада со должина од 2,5 километри има само две поврзувања со Кисела Вода, едното преку булевар Србија со булевар Борис Трајковски, а второто, познатото тесно грло кај „Тутунски комбинат“, кое воедно претставува поврзување на Аеродром и со Кисела Вода и со Центар.

Со изградбата на Есенинова, ова тесно грло во сообраќајот ќе се растовари, ќе се скрати кружењето околу „Тутунски“, кое во периодите на најголемиот сообраќаен метеж трае од 5 до 10 минути. Ова ќе го почувствуваат и граѓаните кои патуваат од „Континентал“ во Гази Баба до Рампа и Чешма во Кисела Вода, а кои избегнувајќи го тесното грло кај „Тутунски“ кружат или преку булевар Србија во Аеродром или преку булеварите Крсте Мисирков и Кочо Рацин во Центар.

Така на пример, од Чешма до „Континентал“ ако сега се патува 3 километри преку Центар или 8 километри преку Аеродром, преку трасата Есенинова – Никола Карев – Беласица ќе се патува само 2 километра. Изразено во време, тоа на граѓаните им заштедува од 10 до 15 минути.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.