Советот на Град Скопје денеска донесе одлука за примање донација на проектно-техничка документација за трговскиот центар Мавровка. Со оваа одлука Град Скопје прима донација од Здружение на граѓани корисници на деловен простор во трговскиот центар Мавровка Ц Скопје, која се состои од проектно-техничка документација за кровот на Мавровка. Проектната документација е изработена од студио БМА, а донацијата изнесува 420 илјади денари.
Дел од советниците реагираа дека објаснувањето на содржината на тој проект е нецелосно.
Советничката Драгана Велковска од Левица рече дека од самиот проект достапен на веб страницата на БМА, убаво се гледа колкав процент отпаѓа на површини со зеленило, а колку на плочки и стаклени површини. Според советникот од ВМРО-ДПМНЕ Александар Трајковски, на кровот на Мавровка, според проекциите ќе биде изграден угостителски објект.
Никола Гаџовски од Секторот за планирање и уредување на просторот рече дека во документацијата не е предвидена цврста градба во вид на кафуле. Идејата, како што рече, е да го оплеменат овој запуштен простор кој во моментов е недостапен.
Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов нагласи дека ова е проект кој се должи на трипартитен меморандум за соработка склучен меѓу Град Скопје, Општина Чаир и здружение на сопственици на деловните трговските овбјекти од ДТЦ Мавровка.
– Во тој меморандум ќе можевте да видите дека станува збор за проект кој ќе го води Град Скопје, а ќе се кофинансира меѓу Градот Скопје и Чаир. Дали и колкав ќе биде износот е работа што ќе се утврда после објавување на јавната набавка. Политиките кои ние ги водиме во рамки на зазеленување на градот, трета година по ред даваат ефект и трета година по ред имаме пад на бројот на загадени денови. Политиките се да го зголемиме зеленилото онаму каде имало погрешни градски политики во минатото, бил осакатен т.н. мал ринг кој е многу оптоварен и со сообраќај и со претерана изградба на градежни објекти, рече Шилегов.
На седницата што се уште е во тек, беа донесени неколку други одлуки меѓу кои Предлог одлука за измена на распоредот и проширување на средствата во Буџетот на Град Скопје за 2021 година, Предлог изменување и дополнување на планот на програми за развој, предлог одлука за изменување и дополнување на Одлуката за воспоставување меѓуопштинска соработка меѓу Град Скопје и Општина Сарај за финансиско учество за реконструкција на улица Кондово, како и предлог одлука за изменување и дополнување на Одлуката за воспоставување меѓуопштинска соработка меѓу Град Скопје и Општина Сарај за финансиско учество за реконструкција на улица 2 во Крушопек.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.