Град Скопје денеска ги претстави мерките со кои што излегува во пресрет на барањата на независната културна сцена да им се овозможи социјална сигурност и можност за културно творештво на уметниците без постојана егзистенција, а кои со вонредната состојба ги изгубија сите свои ангажмани.
Градските власти со мерките насловени „Култура во време на Корона“ се предвидува пренамена на буџетските средства, одложување на неприоритетните капитални инвестиции во културата, загарантиран минимален хонорар за сите ангажирани уметници за време на кризата, како и адаптирање на културните програми на сите градски институции на новите услови на работа.
Со оглед на затворените врати на сите културни институции за време на вонредната состојба, Град Скопје ја прави културата достапна до сечиј дом, велат градските власти. Веќе од наредната недела градот ќе организира маалски концерти кои што ќе имаат можност да се следат од балконите. Притоа, ангажираните изведувачи ќе бидат невработени уметници и ќе добиваат еднаков солидарен хонорар од 14.500 денари.
Според предвиденото со програмата „Култура во време на Корона“, дел од проектите поддржани со Јавниот повик за 2020 ќе бидат авансно исплаќани, соодветно на потребите за уметниците од независната културна сцена да добијат помош за надминување на „првиот финансиски удар“.
— Скопје како кандидат за европски град на културата 2028 мора да покаже дека се грижи за домашната сцена и особено за локалните невработени уметници во овој критичен период за нивниот опстанок. Затоа, го задржуваме истиот буџет за култура, но средствата ги насочуваме кон луѓето и програмите, наместо кон капиталните инвестиции. Луна Паркот како неприоритетна инвестиција ќе биде одложен за некоја година, но затоа Универзалната Сала и веќе започнатите реконструкции во градските институции ќе се реализираат. Предвидуваме и кратење на буџетите за оние меѓународни настани кои што нема да може да се одржат заради затворените граници и нивно пренасочување во проекти на домашни уметници и здруженија. Ги уверуваме уметниците и културните работници дека нема да бидат заборавени, а нашите сограѓани, иако под изменети околности, и оваа година нема да имаат недостиг од културни содржини – изјави скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.