Ридот на скопското Кале на кој се истакнува моќната фортификација и Музејот на современа уметност и од каде широкиот поглед паѓа на нашето Скопје, да го претвориме во културен предел, да го искористиме потенцијалот на овој драгоцен простор, најави денеска Ана Петровска, кандидатката за градоначалник на Скопје поддржана од НВО „Зелен хуман град“.

Со Генералниот урбанистички план овој простор со исклучителни археолошки, културни и пределски вредности е наменет за зеленило. Меѓутоа, не е изработен Елаборат за валоризација на археолошкото наследство и затоа не е донесен Детален урбанистички план. Тој плански вакуум не е пречка за некои инвеститори помеѓу Калето и Музејот на современа уметност, нелегално да изградат хотел. Има изградба и на други објекти на местото на стари куќи. Градењето може да земе замав, ако не се истражат околностите под кои е овозможено да се гради на ова заштитено земјиште. Постои наградено конкурсно архитектонско-урбанистичко решение што не се реализира без донесување на Деталниот план, рече Петровска.

Таа додаде дека заедно со Зелен хуман град се борат да го заштитат Калето од нелегална градба и уништување на зеленилото. Тоа мора да остане како дел од континуираниот зелен коридор покрај реката Вардар.

Да му го вратиме Калето на Скопје и скопјани, рече Петровска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.