Инспекторатот на Град Скопје во 2019 година во секоја област на своето дејствување бележи рекордни позитивни резултати кои се видливи за граѓаните, рече градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов.
„Инспекторатот на Град Скопје е прва институција од ваков вид во нашава држава која е достапна за граѓаните 24 часа дневно и е целосно транспарентна во својата работа. Воведовме 24 часовно дежурство на комуналните инспектори. Вршиме секојдневни контроли на градилиштата, на подземните контејнери, спроведуваме акции во соработка со МВР за отстранување на нелегални продавачи на Бит-пазар, на Зелениот пазар, пазарот во Ченто и пазарот „Буњаковец“, на улицата Македонија, на плоштадот „Македонија“ и на други локации. Успешно ја спроведовме првата кампања за собирање остатоци од берба на стрништата, а беа изречени и казни за палење стрништа. Минатата, 2019 година, Секторот Инспекторат на Град Скопје бележи зголемување на обемот на работа на сите видови инспекции“ рече Шилегов.
Зголемените активности на секторот, објасни Шилегов, се резултат на поодговорен пристап на инспекторите и нивната работа во сите области за кои е надлежен Инспекторатот на Град Скопје.
„Трета година по ред ја спроведуваме кампањата за справување со огновите на отворено, на телефонскиот број 193. Во однос на комуналната инспекција, за 134% е зголемено постапувањето на инспекцијата по барање на граѓани (односно од 82 барања во 2018 година на 192 барања во 2019 година). За 237% е зголемен контролниот инспекциски надзор на комуналните инспектори (во 2018 година – 92, а во 2019 година – 310 контролни надзори). Во 2019 година изречени се 127 платни налози што е за 807% повеќе во однос на 2018 година (14 налози). Процесирани се 115 барања за поведување прекршочна постапка во 2019 година, што е за рекордни 1.177% повеќе во однос на 2018 година (9 акти)“ истакна градоначалникот Шилегов.
Додаде дека зголемена реализација на активности бележи и Одделението за комунални редари. Во 2019 година поднесени барања за прекршочни постапки се 1.120, што е за 77,7% повеќе во однос на 2018 година. Изречени мандатни казни во 2019 година се 72, а во 2018 година 31, што е зголемување за 132%.
Инспекцијата за животна средина во 2019 година извршила 274 редовни инспекциски надзори, односно 117% повеќе од 2018 година. Во 2019 година вонредните инспекциски надзори се зголемени за 300% во однос на 2018 година, односно, во 2019 година спроведени се 49 инспекциски надзори, а во 2018 година – 12. За 300% зголемен е и вонредниот инспекциски надзор со акредитирана лабораторија, односно во 2019 година имало 12 надзори, а во 2018 година – 3.
Инспекцијата за патен сообраќај во 2019 година извршила 271 редовен инспекциски надзор, што е 134% повеќе од 2018 година. Зголемен е и бројот на контролни инспекциски надзори за 66% и вонредни инспекциски надзор за 600% во однос на 2018 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.