Во интервју на Вечер со Златко Перински кој јавноста го памети како еден од успешните директори на Спортскиот Центар Борис Трајковски каде, за прв пат, како самофинансирачки субјект основан од Влада оствари финансиска добивка, тој говори за своите ангажмани како шеф на кабинет на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, но и советник во општина Аеродром, присутен и активен во политиката.
Сигурно многумина ве прашуваат за работата како шеф на кабинет на лидерот на опозиција, ние би ве прашале за вториот дел од вашиот политички ангажман, а тоа е ангажманот во општини Аеродром. Најголема, најурбана општина во Македонија. Дали Аеродром фаќа чекор со модерните текови?
Со задоволство говорам за општината од која потекнувам, но воедно помешано е чувството, затоа што навистина не можам да останам рамнодушен кога гледам како Аеродром од општина со најголем потенцијал за развој доживува стагнација, а граѓаните се повеќе се незадоволни од квалитетот на живеење. Ако некогаш беше престиж да се биде ародромец, денес тоа е проблем во секоја смисла, да живееш или работиш во Аеродром стана тешка мака, и проблем на секој чекор.
Општината не ги следи потребите на жителите на Аеродром кои не само што не се задоволени, туку делува фрустрирачки кога толку проблеми остануваат нерешени, а решенија има но, нема луѓе на места каде што се носат одлуки и нема знаење тие да ги спроведат. Аеродром важеше за место што скопјани го нарекуваат “средена општина”, но во последните неколку години општината го губи овој примат.
Што придонесе Аеродром од “средена општина“, идеална за млади луѓе и брачни парови да стане хаотичен простор?
Општината Аеродром станува претесна. Се зголемува бројот на жители, но се намалува бројот на содржини кои им се ставаат на располагање на жителите. Нема доволно градинки, училишта, амбуланти, паркинзи, зелени површини… Нема инфраструктура која може да задоволи се повеќе жители.
Се земаат пари од даноци, комуналии и сите давачки на сметка на општината, а не се инвестира ниту во одржување на она што го има, а уште помалку за проширување на инфраструктурата. Накусо, граѓаните мора да и плаќаат на општината, а општината Аеродром не мора тие пари да ги инвестира за нивните потреби. Парите исчезнуваат од општинската сметка, а инфраструктурата се распаѓа. Тоа не е состојба што аеродромци ја навикнале во минатото, и не е состојба која аеродромци ќе ја прифатат како нешто нормално. Луѓето чувствуваат задушување и депресија.
Но, градоначалникот Марин направи кампања дека “Патот до Европа почнува од Аеродром” најавувајќи нов голф терен и игралиште. Кој е вашиот став?
Тоа со “Европа почнува од Аеродром“ е само уште една пропагандна приказна на Златко Марин платена од буџетот на некоја од неговите агенции и невладини организации за пропаганда. Не можете децата дома да ги нахраните пуштајќи им спотови за сендвичите во Мекдоналд.
Сметам дека e проблем што градоначалникот Марин за 4 години власт потроши приближно 70 милиони евра или 4 буџети на граѓаните, а го памтиме само по најавите за нов голф терен кој ќе се случи во некое идно време.
Секој еден жител на Аеродром треба да знае дека Марин потроши 70 милиони евра, а нема ниту еден проект кој граѓаните ќе го паметат. На Аеродром му треба системски развој како сите европски развиени општини, а не флоскули, пропагандни кампањи, само најави во идно време за Голф терени. На граѓаните им е преку глава квалификацијата “ќе”, туку со право бараат конкретни резултати.
Поважно за мене е што Аеродром се гуши во смог, Лисиче нема нов асфалт, Скопјанка и Мичурин се борат за паркинг простор, а не што се формира претпријатие за Голф.
Тоа претпријатие за Голф е нов трошок, и можност за нова корупција, чини пари, директор, простории, вработени, годишен буџет, пари кои покорисно може да се искористат за реални потреби на граѓаните кои секако нема да играат голф додека децата немаат каде да им одат во градинка.
Се трошат пари за лампиони и светилки за Нова Година, а нема ставка за нови зелени површини. Општината троши половина милион евра за метларки од фирмата на екс вицепремиерот Анѓушев, а нема ниту денар за борба против аерозагадувањето, многу лесно се препознава фактот дека се измешани приоритетите. А најголем приоритет им е заработка преку корупција. Важно на Анѓушев му се наполнила сметката, другото може да чека.
Единствено каде што има развој е бетонизацијата, затоа што тоа е прашање на пари и полнење на приватни џебови, тоа мора да се стопира и плански да се гради. На Аеродром му треба план, а жителите да почувствуваат сигурност и партнер во општинските власти.
Целото интервју на Вечер.мк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.