Сопствениците на камп-приколките на езеро Треска, кои добија рок до 23 овој месец да ги тргнат објектите, тврдат дека на езерото владее хаос и не се знае што се случува со нивните објекти. Тие велат дека не им се дозволува пристап до локацијата, но затоа пак, 50 приколки и покрај чуварите и полицијата им се украдени.
Дел од сопствениците ги продаваат приколките за малку пари само за да не останат без ништо, бидејќи нема каде да ги преместат, објави „Плусинфо“.
На локацијата владее хаос. Нам како сопственици не ни е дозволено да влегуваме или во зависност од желбата на полицијата и чуварите се пушта по некој. Но, затоа други луѓе влегуваат и излегуваат кога сакаат и можат да ги подигнат приколките без да се сопственици. Во овој период се украдени 50 приколки. Само три од нив се пронајдени. Нема приколка која не е отворена и од неа не е земено по нешто – вели потпретседателот на Здружението на кампери, Петре Неделковски.
Камперите се револтирани што ниту општина Сарај, ниту Град Скопје, не се одважиле да го решат прашањето на цивилизиран начин со одредување на локација за преместување на приколките.
Со наредба на Град Скопје пред многу години приколките моравме да ги донесеме на езеро Треска, ама сега со никакво образложение сме присилени да ги тргнеме од локацијата во време на пандемија кога е тешко да се најде друга локација. И наместо да ни најдат локација, ни дадоа ултиматум или ќе ги преместите или нема да остане ништо од нив. Поради ваквата состојба, скоро сите, 90 отсто, од сопствениците ги продаваат приколките за малку пари, за 100 до 150 евра. Луѓето се вознемирени и гледаат да спасат нешто од она што останало – вели Ацо Гиновски, претседател на Здружението.
Тој додава дека се одело против нив и правото да ги задржат приколките за кои платиле закупнина.
Се кочеше регистрирањето на нашето Здружение за да можеме да ангажираме адвокат и да го запреме преместувањето на приколките. Дури деновиве го добивме решението и сега е веќе доцна за нешто да се направи. Во Град Скопје и во Владата нѐ примија, ни дадоа чудни ветувања, но ништо не направија, а за општина Сарај и да не зборуваме. Таму немаме ни пристап – вели тој.
Здружението на кампери деновиве треба да се состане и да реши што ќе преземе во наредниот период. Нивна цел е да спасат нешто во ситуацијата.
Доволно е да ги информираме граѓаните дека она што го градеа со самопридонес за неколку месеци ќе го нема, а тука ќе никнат хотели или згради, не се знае што – вели Неделковски.
На езеро Треска поставени беа 500 камп-приколки, од кои 350 активно се користеа.
Општина Сарај во декември лани со соопштение ги информира камперите дека имаат рок од 60 дена да ги иселат приколките.
Образложението од општината е дека на локацијата ќе се градат објекти поврзани со нејзино прогласување во развојна туристичка зона. Но, иако од почетокот на годинава се работи на терен, општина Сарај сѐ уште чека одлука од Владата за прогласување на езерото Треска за развојна туристичка зона.
Претходно, Владата го пренамени земјоделското земјиште околу езерото во градежно со што го отвори патот за измените во ДУП–от. Тогаш од Владата рекоа дека оваа одлука е донесена за да може во овој дел од предградието на главниот град да се вцртаат маркички и да се гради викенд населба, хотелски комплекс и спортско-рекреативен центар за развој на еко туризам, со што ќе се врати во функција и езерото.
Рекреативниот центар езеро Треска е изграден во 1978 година на површина од 13 хектари, а имаше капацитет за 10.000 капачи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.