Ученици од ОУ „Димитар Миладинов“ во Скопје се во изолација, откако нивната учителка добила позитивен тест на ковид-19. Станува збор за паралелка од второ одделение, која во изолација е од денеска.
„Република“ се обиде да добие повеќе информации од директорката на училиштето, но не успеавме да стапиме во контакт со неа лично, а во очекување сме на официјални одговори преку мејл кога вработените ќе успеат да најдат време да одговорат.
Ова е втор случај на изолација во скопското училиште, каде ученичка од деветто одделение беше пријавена како заболена на вториот ден од учебната година.
Согласно планот и здравствените протоколи по кои се постапува при организирање на наставата со физичко присуство, ако ученик развие симптоми на ковид-19 додека е во училиште, наставникот/стручниот соработник го изолира ученикот во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска/прекривка и веднаш ги известува родителите/старателите, кои во најкраток временски период треба да го земат детето со цел консултација и натамошни активности со матичниот лекар на ученикот. Доколку се потврди дека ученик е заболен од ковид-19, се известува епидемиолошката служба во Центарот за јавно здравје која итно треба да направи анкета со наставниците и учениците за проценка на степенот на ризик врз основа на контактите кои ги имале и потоа се носи одлука дали сите ученици во одделението ќе заминат во изолација и ќе продолжат со настава на далечина, објаснија тогаш од Министерството за образование и наука.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.