В сабота на 29 јуни 2019 година со почеток во 11.00 часот во Скопје со зборно место кај црквата Пресвета Богородица во центарот на градот, ќе започне првиот т.н. Марш на гордоста.

Организаторите на првиот Марш на гордоста на кој е планирано да земат учество мајки и татковци со нивните дечиња до јавноста упатија нови информации во врска со настанот:

Со задоволство ве информираме дека во изминатите три седмици наидовме на огромен интерес и поддршка за МАРШОТ НА ГОРДОСТА. Досегашните реакции ги надминаа сите наши очекувања! Веруваме дека ова ќе биде голем и масовен настан на кој ќе присуствуваат илјадници граѓани. Кон МАРШОТ НА ГОРДОСТА веќе се приклучени повеќе од 20 невладини организации и здруженија.

Поради огромниот интерес, а со цел да излеземе во пресрет на сите заинтерасирани од внатрешноста на земјата (кои немаат транспорт за назад после 17-18 часот), почетокот на МАРШОТ НА ГОРДОСТА е поместен во 11:00 часот. Собирот на учесниците ќе трае од 10:30 до 11:00 часот. Собирно место е просторот пред црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ (спроти Министерството за надворешни работи). Во координација со останатите организации и здруженија, одлучено е МАРШОТ НА ГОРДОСТА да заврши во кругот на Соборниот храм „Свети Климент Охридски“.

Учесниците на настанот кои припаѓаат на православната христијанска вероисповед се поканети да присуствуваат на Литургија во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ на 29 јуни 2019 година со почеток од 8:30 часот.

МАРШОТ НА ГОРДОСТА има за цел да ја алармира широката јавност за катастрофалната демографска состојба во земјава и за ургентната потреба од мерки и активности за запазување и афирмирање на семејните вредности.

Алармираме дека иднината на земјата е сеирозно доведена во прашање. Според податоците на Заводот за статистика за 2018 година, од осум региони во земјава во пет имаме негативен природен прираст. Најзагрозени региони се источниот, пелагонискиот, вардарскиот и југоисточниот. Нашата земја изумира! Доколку во 1952 година имало 51 054 живородени деца, во 2018 година бројот на живородени деца е само 21 333. Наталитетот во земјата изнесува само 1.4, додека за опстанок на една нација потребно е да се раѓаат по 2.1 деца во едно семејство. Ваквата состојба предизвикува далекусежни и долгорочни политички, економски и социјални проблеми. Најсериозни последици од ваквата состојба ќе имаат токму младите луѓе на возраст во 20-те години. За нив има висок ризик дека нема да можат реално да го остварат правото на пензија, бидејќи ќе нема младо активно население од каде би се полнел Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, така што ќе бидат приморани да работат до длабока старост.

Нагласуваме дека МАРШОТ НА ГОРДОСТА не е насочен против никого. Ве повикувме сите кои ќе земете учество да се воздржите од насилство и да превенирате насилство. Ние се оградуваме од секој вид насилство, говор на омраза или недолично однесување. Од наша страна ќе бидат преземени превентивни мерки за спречување на евентуални провокации.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.