Поглаварот на Католичката црква, папата Франциско утре заминува во тридневна апостолска посета на Бугарија и Македонија.
Како што јави специјалниот известувач на МИА од Рим, понтифот утре во претпладневните часови ќе пристигне во Софија каде по официјалната церемонија на дочек, ќе има протоколарна средба со претседателот на Бугарија, Румен Радев, по што ќе разговара со претставници на бугарските власти, на граѓанскиот сектор и на дипломатскиот кор.
Според планот, папата Франциско ќе ги посети патријархот себугарси и митрополит софиски Неофит и членовите на Синдот на Бугарската православна црква, по што ќе одржат приватна молитва пред престолот на Свети Кирил и Методиј во катедралната црква Св. Александар Невски. По молитвата ова на плоштадот пред катедралата ќе биде одржан антифон за Богородица познат како Regina Coeli.
На крајот на првиот ден од престојот во Бугарија, поглаварот на Римокатоличката црква ќе одржи света миса на плоштадот „Кнез Александар“.
В понеделник папата ќе посети бегалски камп во Софија, по што ќе одржи миса во црквата Пресвето срце.
Официјалниот дел од посетата на Бугарија папата Франциско ќе го заврши со молитва за мир на плоштадот „Независност“, на која ќе присуствуваат и претставници на други верски заедници во земјата.
Во вторник папата од Софија ќе допатува во Скопје, каде по официјалниот дочек ќе има средби со претставници на властите на земјава, на невладиниот сектор и на дипломатскиот кор.
По средбите, понтифот во присуство на претставници на другите верски заедници во Мaкедонија ќе ја посети меморијалната куќа на Мајка Тереза, по што ќе одржи света миса на централниот градски плоштад „Македонија“.
Посетата на Скопје, папата ќе ја заврши во попладневните часови со екуменска и меѓурелигиска средба со младиите, што ќе се одржи во Пасторалниот центар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.