Последната сметка за струја која сопствениците на дуќани во Градскиот трговски центар во Скопје ја добиле претставува пријатно изненадување за нив затоа што е помала за најмалку 40 отсто. Тие се пријатно изненадени од управата на АД ГТЦ која незаконски им ја препродава струјата, па наеднаш треба да плаќаат помалку. Од 16 ноември во подрумите на ГТЦ не се веќе Елвис и Габриел Бајрам кои најверојатно со години тука „копале“ биткоини користејќи струја која очигледно ја плаќале сите, освен копачите.
Во „бизнисот“ со биткоините, освен набавката на голем број на компјутерски машини, т.н. „ригови“ најголемата ставка е дневната потрошувачка на струја. Бајрам, со голема помош на раководството на АД ГТЦ, тоа со години го правел во подрумите на ГТЦ, плаќајки струја колку за осветлување и ништо повеќе, а енормната потрошувачка на струја била најверојатно „солидарно“ делена со сите сопственици на дуќани. Кога тоа се дознало, на 16 ноември полицијата најпрво влегла во подрумите, но очигледно по нечија интервенција, полицајците потоа само го обезбедувале просторот за безбедно изнесување на скапата опрема, по што и официјално било соопштено дека тука нема грабеж на струја.
Има струјомери, ние не сме надлежни, гласеше во кратки црти соопштението на МВР по нивната акција и брзото повлекување од магацинските простори на ГТЦ на 16 ноември. И покрај снимките и покрај сведочењата, и покрај очигледната скапа вентилација монтирана низ подрумите на ГТЦ, ниту една надлежна државна институција не реагираше на овие основани сомневања дека се работи за голем грабеж на струја од страна на советниците на СДСМ, во Скопје и Шуто Оризари, Елвис и Габриел Бајрам. Случајот брзо беше затворен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.