Дарувањето на еден ваков голем и убав христијански празник ги потенцира човечките доблести – солидарноста, хуманоста и грижливоста, напиша на својот фејсбук профил Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на Кисела Вода.

Да се дарува, значи искрено и од срце да се помогне онаму каде што е најпотребно.

Денес обезбедивме 350 оброци за социјално загрозените од општина Кисела Вода.

Се потрудив на дел од нив лично да им ги однесам со цел со овие лица малку да се подружиме и овој празничен ден да им го направам поисполнет и поразличен од другите.

Празничен ручек добија и децата од улица, бездомните лица, лицата во домовите, а обезбедена е донација и за лицата кои имаат потреба од помош од храна во народната кујна во ,,Св. Спас” во Драчево.

Токму во ,,Св. Спас” во Драчево, со празничен ручек заедно со сите лица кои ја посетуваат народната кујна го заокруживме денешниот ден.

На средбата ги информирав и дека во тек е тендерската постапка со која ќе им обезбедиме огревно дрво кое ќе им помогне полесно да ги пребродат студените денови и дека активно ќе работам да се подигне стандардот во општината за да го намалиме бројот на луѓе кои ќе зависат од нечија помош.

Сакам да се заблагодарам на општинската организација на Црвениот Крст, на Хуманитарни акции – Скопје, како и на отецот Оливер и хуманитарната организација ,,Св. Спас” кои ни се силна поддршка во оваа хумана мисија.

Воедно, на сите кои денес празнуваат, сакам да им ја честитам православната Нова Година!

Нека е за многу години и нека дава само радост, здравје и бериќет на секого!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.