По повод одбележување на Меѓународниот ден на лицата со попреченост – 3. декември, денеска, градоначалникот Стевчо Јакимовски во својот кабинет се сретна со тројца претставници од оваа социјална категорија на граѓани, кои воедно се жители на Карпош. На средбата присуствувaa и претставничките од Одделението за детска, социјална и здравствена заштита при општина Карпош, кои традиционално го организираат овој настан.

На средбата се говореше за секојдневните проблеми со кои се соочуваат лицата со попреченост, како и за евентуалните решенија кои може да ги понуди локалната самоуправа за нив. Во таа насока, градоначалникот Стевчо Јакимовски напомена дека, 155 лица од Карпош кои влегуваат во оваа социјална група, ќе добијат еднократна парична помош од 3.000 денари, – средства кои од својот Буџет за таа намена ги обезбеди Општината.

Инаку, локалната самоуправа континуирано се грижи за своите сограѓани од оваа социјално ранлива категорија. Тоа досега го демонстрираше преку изградба на пристапни рампи, отворање на сензорни соби во основните училишта и инклузивни игралишта на неколку локации, обезбедување на социјални пакети со прехранбени производи, како и креирање на политики за помош на лицата со попреченост.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.