Општина Чаир објави тендер за избор на компанија која ќе го изведе уривањето на илегалниот објект кај ТЦ Мавровка. Тендерот е објавен за “Работни активности за уривање на дивоградби“ и неговата вредност достигнува сума од над милион денари.

Тендерот не е само за уривање на објектот кај Мавровка туку и за други потреби на општината, објасни градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.

Не, тендерот не го поништуваме бидејќи нам ни треба преку цела година бидејќи има и други делови што се градат без дозвола и со тој тендер ќе можеме да дејствуваме. Се разбира, ние и кога го објавивме тендерот не го направивме за овој објект, туку воопшто за да можеме да постапуваме и во други ситуации, истакна Висар Ганиу.

Ова и овозможува на општината во случај изведувачот на илегална градба да го урне објектот кој е дивоградба своеволно и во рокот предвиден од 8 дена, општината нема да има потреба да го поништи тендерот кој е објавен денеска. Работите ниту денеска не се реализираа, туку сопственикот на илегалниот објект и натаму е непознат за властите.

Од страна на СВР Скопје се уште се работи на обезбедување на сите писмени докази и се преземаат активности за утврдување на идентитетот на вршителот на ова кривично дело. Во текот на истражната постапка, во текот на преземањето активности од страна на полицијата, Обвинителството ќе ги издаде сите наредби и барања кои се потребни за обезбедување докази и утврдување на идентитетот на вршителот на кривичното дело, велат од ЈО.

Ганиу изјави дека за ситуацијата, изведувачот на работите се обидел да го контактира и по неофицијален пат.

Се обидов да го побарам неофицијално лицето за да дојде, но не дојде. Но јас сум убеден дека и за негово добро и за доброто на општината е сам да го урне објектот бидејќи е дивоградба, посочи Висар Ганиу.

Од петокот почна да тече рокот од 8 дена од општина Чаир за да го извести сопственикот дека објектот треба да се урне. Веќе 5 дена работите се во прекин иако претходниот период истите се одвиваа интензивно. Дека работите на местото на поранешна Фонтана се илегални, беше утврдено во текот на инспекцијата која беше спроведена на 20 јули. Но кога инспекторите пристигнале на терен, не го нашле изведувачот на работите и за тоа општината истиот го известила преку Службен весник.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.