Паушални и политикантски се барањата на носителот на советничката листа на „Шанса за Центар“, Јана Белчева Андреевска, поврзани со КК „Работнички“. Советничката за четири години не научи ништо ни за Центар, ниту за потребите на центарци, реагира Општина Центар на информацијата на граѓанската иницијатива која бара лаптопите на советниците да им се дадат на училиштата, за користење на термини на КК„ Работнички“ и за вработување на 26 лица во предизборие.

Доколку сè уште актуелната советничка Јана Белчева Андреевска смета дека треба да бидат одземени термините на КК „Работнички“, а се поврзани со поволностите коишто ги дава општината, односно обезбедување на средства и подобрување на условите, сакаме да ѝ напомниме дека КК „Работнички“ е нашиот најтрофеен македонски кошаркарски клуб кој годинава прославува 75 години од постоењето. Инаку Белчева Андреевска ова прашање можеше да го иницира и изминатите четири години, кога беше советник а и претседател на Советот на општина Центар. Ова беше доволен период да ги научи процедурите по кои работи секоја општина. Доколку Белчева Андреевска е против спортот и спортистите, ќе има можност во кампањата ова да им го каже на сите граѓани од Центар – велат од Општина Центар.

Од таму додаваат дека Општината помага и во други спортови, како кикбокс, бокс, ракомет, карате, одбојка и така натаму. Оттука, советничката Белчева треба малку повеќе да се информира за програмата за спорт која ја спроведува општината.

Во однос на таблетите, односно лаптоп компјутерите, доколку советничката смета дека наместо на советниците, лаптоп компјутерите треба да се доделат на учениците, на наредната седница слободно може да поднесе амандман и на советниците да им бидат одземени. Белчева и пред четири години можеше да се откаже и да го донира својот лаптоп. Сакаме да нагласиме дека последниот хонорар на советниците од СДСМ и коалицијата и платата на градоначалникот Саша Богдановиќ, ќе ги донираат за купување на лаптопи или таблети за деца од социјално загрозени семејства, со цел да им обезбедиме непречена настава. За лаптоп компјутерите, секој член на Советот ќе си се произнесе дали ќе го донира или не лаптоп компјутерот или мобилниот телефон, кои му следуваат со стапувањето на функција. Бидејќи во тек е изборниот период и сите донации се забранети, донациите ќе ги оствариме по завршувањето на локалните избори, со цел да не го прекршиме Изборниот законик. Штом се ослободи простор за ребаланс на буџетот, советничката група на СДСМ ќе поднесе предлог до Советот за сите средства наменети за патувања на советниците и на градоначалникот, да се пренаменат за лаптоп компјутери и таблети на деца од социјално загрозени семејства – велат од Центар.

Општината ја повикува Белчева да ги рефундира средствата од Општина Центар во висина од над 100.000 денари, кои ги користела за патување во Осло, Норвешка во 2019-та година, односно 12.731 денар за дневници, 29.690 денари за патни трошоци и 58.586 денари за хотелско сместување.

Ниту еден друг советник освен Белчева Андреевска нема искористено никакви средства за патувања. А доколку е толку загрижена, може истите да ги рефундира, односно да ги донира за набавка на компјутери, затоа што со тие средства може да се набават најмалку 4 до 5 лаптоп компјутери и истите да ги донираме, бидејќи едно нејзино ноќевање чинело 250 евра од вечер – велат од Центар.

За планот за вработување од Општината велат дека не станува збор за никакви партиски вработувања и не се вработувања пред избори.

Тоа е законска обврска со која градоначалникот до Советот достави план за вработување за идната година и доколку општината процени дека има потреба, тогаш се распишува оглас или огласи за вработување. Доколку планот за вработување не се донесе, се доведуваме во ситуација општината во наредната година да нема простор да распредели одредени кадри, потребни за функционирање на општинската администрација. Апелираме советничката Белчева Андреевска да не ја замајува јавноста со сензационалистички барања, туку да седне, да го прочита Законот за вработените во јавниот сектор, каде јасно, во член 20-б е опишана целосната постапка за изготвување на годишен план за вработување и да почне реално да се грижи за проблемите на Центар и центарци – велат од Центар.

Одговорот на општина Центар следува по противењето на граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ чиј носител е актуелната советничка во општината Центар Јана Белчева да се усвојат предлог-одлуките кои се ставени на дневен ред на седницата на Советот на општина Центар за четврток на 16 септември 2021 година.

На дневен ред се ставени точки со кои се планира службените лаптопи кои советниците со мандат од 2017 до 2021 ги добија на користење да им се предадат во приватна сопственост, да се даде ексклузивитет на кошаркарскиот клуб Работнички кому спортските сали на осумте општински основни училишта му се нудат без надоместок и предлог за 26 предизборни вработувања – велат од „Шанса за Центар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.