Не стивнуваат реакциите од јавноста откако Општина Аеродром најави инвестиција вредна 2,5 милиони евра за изградба на голф терени.

Реагираше и опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека луѓето очекуваат да видат проекти за подобро живеење, а не голф терени.

Луѓето очекуваат да видат проекти за подобро живеење и за економски развој на Аеродром, особено на руралниот дел, а Златко Марин продолжува со бесмслено понижување на потребите на граѓаните – изјави портпаролот на ВМРО- ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

На ваквите обвинувања реагираат од Општината велејќи дека не станува збор за срества од општината, туку за инвестиција којашто ако не дошла во Аеродром, а со тоа и во Македонија, ќе отишла во Грција, бидејќи и јужниот сосед аплицирал за средства за изградба на голф терени.

Голф терените треба да се градат во делот помеѓу Горно и Долно лисиче, по мостот каде што сега има земјоделско земјиште. Александар Георгиевски, шефот на кабинет на градоначалниот, во изјава за „Слободен печат“ вели дека просторот е соодветен за таков вид на терени, а со изградбата конечно ќе има голф терени во Македонија, со што македонските граѓани нема да мораат да одат во соседна Бугарија за да се занимаваат со овој спорт.

Местото каде што ќе се гради теренот беше депонија, планираме да го зазелениме и да го уредиме. Граѓаните треба да знаат дека не станува збор за одлевање на пари од општинската каса, туку за инвестиција која ќе дојде во нашата општина, преку Агенцијата за рурален развој на Европската Унија, а ќе можат да ја користат сите – вели Георгиевски.

Дел од граѓаните анкетирани од „Слободен печат“ едвај чекаат да се реализира овој проект, но има и такви кои веруваат дека требало овие пари да се пренаменат за реализација на други, поприоритени проекти.

Голф терените се дел од проектот „Аеродром прва општина со европско знаменце“. Терените треба да се протегаат на површина од 15 хектари, а според најавите овој проект би се реализирал за две години, односно во 2023.

Идејата е да понудиме на 30 фирми да се рекламираат одреден период на голф терените, а за возврат да инвестираат по 50.000 евра. Со тоа би обезбедиле 1,5 милиони евра за нивна изградба, а останатите еден милион со грант за рурален развој – додава Гергиевски.

Со терените ќе стопанисува Општината односно јавното претпријатие за развојни проекти од локално значење, кое ќе биде прво од ваков тип кај нас.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.