По повод одбележување на 76 години од депортацијата на 7.144 македонски Евреи во концентрациониот логор Треблинка, денес во Македонскиот народен театар се одржа комеморативен настан по што беше отворена поставка во Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје.

На свечената средба се обратија: Зоран Заев, Претседател на Владата; Зеев Елкин, министер за Ерусалим и министер за заштита на животната средина на Израел; Роберт Сингер, извршен потпретседател и главен извршен директор на Светскиот еврејски конгрес; Рабин Ендрју Бејкер, директор за меѓународни односи во Американскиот еврејски комитет, личен претставник на претседавачот во ОБСЕ во канцеларијата за борба со антисемитизам, претседавач на Меѓународниот советодавен одбор во Фондот на холокаустот; Берта Романо-Николиќ, Претседател на Еврејската заедница.

Во рамки на свечениот настан беше претставена и изложбата, која е дело на Мајкл Беренбаум. Оваа редовна поставка веќе може да се види во Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје.

Меморијалниот центар е споменик и паметник чија основна цел е едукација и промоција на Универзалната декларација за човекови права. Тие права не смеат да бидат поставени на недопирлив пиедестал, туку да бидат достапни за сите, за да создаваме општество во кое ќе се негува и унапредува соживотот и почитта меѓу луѓето, а со самото тоа да се бориме против сите видови дискриминацијата, антисемитизам, говор на омраза и ксенофобија – истакна Горан Садикарио, главен извршен директор на Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.