Данела Арсовска утре официјално седнува во градоначалничката фотеља на Град Скопје со што станува прва жена која ќе го раководи главниот град од осамостојувањето на државава. Сепак, од прогласувањето на македонската државност таа ќе биде втората жена, по Вера Ацева која во 1948 била градоначалник на Град Скопје, која ќе го управува кормилото на престолнината и како што ветуваше пред локалните избори, тоа ќе го прави успешно во наредниот 4-годишен мандат.
Пред да стане градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска менаџираше со Сојузот на стопански комори од 2014 година до сега. ССК, пак, е дел од Светската федерација на стопански комори со повеќе од 12.700 членови и е една од четирите жени носители на таа функција во светот.
Таа е дел од меѓународната мрежа на експерти во Г20 каде работи на креирањето на политиките за интегритет и усогласување на регулативата на најсилните економии во светот и е една од основачите на Македонската асоцијација на жени претприемачи. Пред две години Арсовска беше избрана за член во Бордот на Глобалниот комитет на жени лидери предводен од Свати Мандела, внуката на Нелсон Мандела. Во овој комитет членуваат Колинда Грабар Китаровиќ – поранешната претседателка на Хрватска, Аменах Гуриб Фахим – поранешната претседателка на Маурициус, како и Мари Кристин Огли – претседателката на Светската асоцијација на жени претприемачи.
За досегашната работа е добитник на награда од Светскиот форум на бизнис-ангели, како најдобар пример кај жените во деловниот свет во Југоисточна Европа.
Во 2017 година беше назначена за членка на судот за помирување и арбитража на ОБСЕ во Женева, Швајцарија, а исто така е и член на судот на постојаниот арбитражен суд во Хаг, Холандија од 2017 година.
Во 2020 година, со согласност на Владата, Данела Арсовска стана почесен конзул на Унгарија со седиште во Штип за да се зголеми соработката меѓу двете земји на економско ниво посебно во делот на источна Македонија.
Во 2019 година ја покренува иницијативата за учество на жените во климатска акција каде директно се преземаат мерки во институциите и приватниот сектор за намалување на загадувањето. Член е на Гриновет проектот каде се вклучени четири држави за развој на образованието, за екологија со цел да се обезбедат услови за континуирано спроведување на зелена, инклузивна и одржлива економија. Член е и на партнерската кампања на Обединетите нации за Деловен климатски хаб каде што во 78 земји малите и средните претпријатија почнаа активно намалување на емисиите на стакленички гасови и справување со климатските промени.
Aрсовска е родена во Скопје, 1979 година. По професија е правник. Дипломирала на Правниот факултет во Скопје. Има и магистратура по економија и извршно образование од Универзитетот во Оксфорд и Универзитетот во Шефилд. Зборува англиски, германски, бугарски и српски јазик.
Националниот совет за родова еднаквост на Македонија ја поздравија одлуката на мнозинството граѓани на Скопје да го дадат гласот за Арсовска со што покажаа родова сензитивност и прогресивност и што конечно Скопје доби жена градоначалничка.
Освен Данела Арсовска, на Локалните избори 2021 победа однесе уште една жена, тоа е Жаклина Јовановска која ќе ја раководи општината Старо Нагоричане во втор мандат. Инаку, најмногу жени на градоначалничката функција имаше на Локалните избори во 2017 – вкупно шест.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.