Дали навистина граѓаните, гостите и угостителите на Град Скопје добија независен градоначалник или бившата претседателка на Сојузот на стопански комори на Македонија и неговите членки си добија сопствен градоначалник, прашуваат од Независната угостителска комора.

Независната угостителска комора на 25 ноември 2021 год. до градоначалничката на Град Скопје достави барање за работна средба – работен појадок со угостителите од Град Скопје и дискусија за унапредување на угостителската индустрија во Град Скопје, додека на 1 декември 2021 год. достави и потсетување на поканата за работна средба – работен појадок со угостителите од Град Скопје. Дури и двата телефонските разговори со секретарката на Кабинетот на градоначалничката на тел. број 02-3297204 за информација за очекување на добивање повратна информација и предновогодишен термин за организирање на работната средба не вродија со резултат на добивање конкретен одговор, што нè води до заклучокот и прашањето за тоа со каков градоначалник ќе ја развиваме угостителската индустрија во градот Скопје, велат од НУК.

Додаваат дека во изминатиот период пред и после локалните избори ниту еден кандидат за градоначалник не се обрати до Независната угостителска комора да ја презентира својата предлог програма и идеи за поддршка и развој на угостителска индустрија на локално ниво во Македонија и да побара предлози и поддршка од Комората и угостителите во унапредување на истата. Велат дека со цел да можеат да се запознаеат повеќе со програмите, плановите и идеите што градоначалниците ги планираат за развој и поддршка на угостителите и угостителскиот сектор и да ги информираат за очекувањата и проблемите со кои угостителите на локално ниво се соочувале во минатото работење, започнале со барања за организирање на годишни работни средби.

Првото барање е доставено до Градоначалничката на Град Скопје со цел да се запознаеме со нејзината програма за поддршка, развој и унапредување на работењето на угостителите и ноќниот живот. Во иницијалното барање доставивме предлоза на генерални точки за дискусија и тоа: Планирани активности и стратегии на Град Скопје поврзани со угостителите и угостителската индустрија за време на мандатот на новата градоначалничка Данела Арсовска;

Можности и начини на соработка со Градот Скопје и македонските општини односно ЗЕЛС за начини и бенефити од креирање на единствен заеднички национален регистар на угостителски објекти, сместувачки објекти од мал обем и регистар на физички лица што вршат угостителска дејност;

Барање за отворање на Канцеларија за ноќен живот и култура и именување на Градоначалник за ноќен живот по примерот на останатите Европски главни градови за промоција на ноќниот живот;

Предлози, насоки и стратегии за развој на угостителската индустрија во Град Скопје од страна на угостителите со барање за усогласување на постојните правилници на локално ниво поврзани со угостителската индустрија;

Но, жално е што и покрај потсетувањето и телефонските контакти веќе трета недела немаме никаков одговор, велат оттаму.

Прашањето, велат од НУК, што би сакале на овој начин да го доставиме до градоначалничката на Град Скопје е:

Дали градоначалничката на Град Скопје воопшто планира да се сретне со претставници на Независната угостителска комора и претставници на реномирани угостители на Град Скопје или своите работни средби и понатаму ќе ги прави позади затворена врата, само со угостители членки на Сојузот на стопански комори на Македонија?  Игнорантскиот однос ни укажува или новата градоначалничка ниту имала ниту планира никаква програма и идеја за поддршка, развој и унапредување на работењето на градските угостители или едноставно и просто кажано нема намера воопшто да се замара со угостителите на Град Скопје кои не се членки на Сојузот на стопански комори на Македонија, велат НУК во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.