Град Скопје и годинава распиша јавен повик за надоместување на дел од трошоците за купување велосипед.

На граѓаните кои ќе купат велосипед од денес до 30 јуни градот ќе им надомести дел од трошоците направени при купување велосипед – 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

Јавниот повик ќе биде реализиран по принципот „прв дојден, прв услужен“. Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање на субвенција за купување еден велосипед.

Услови

  • да е жител на Град Скопје (во општините: Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари);
  • подносителот на барањето досега да нема добиено финансиски средства за набавка на велосипед од Град Скопје;
  • велосипедот да го купи од денот на објавување (11.03.2019 година) до денот на завршување на Јавниот повик (до 30.06.2019);

Потребни документи

  • барање за субвенција за купување на еден велосипед (Барањето може да се подигне во архивата на Град Скопје или да се обезбеди од интернет страницата на Градот: www.skopje.gov.mk);
  • доказ за жителство во Град Скопје, со доставување копија на важечка лична карта на барателот;
  • фотокопија од трансакциска сметка на барателот;
  • изјава дека барателот досега нема искористено субвенција за купување на велосипед од Град Скопје;
  • доказ дека е извршено купување на велосипед, и тоа оригинал фискална сметка  или фактура со извод од деловна банка, со датум од денот на објавувањето до денот на завршувањето на Јавниот повик;

Барањето за надоместок на дел од трошоците за купување на велосипед, заедно со потребната документација, граѓаните во затворен плик ги доставуваат до соодветната Комисија, преку Архивата на Град Скопје, бул. Илинден бр.82, секој работен ден од 09 до 15:00 часот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.