Издавачката куќа Феникс од Скопје ја објави антологијата Скопски вознеси, со која се одбележува 60-годишнината од скопскиот катастрофален земјотрес.
Изборот на поетите и нивните песни го направи Христо Петрески, кој го напиша и поговорот на книгата, а Кристина Николовска е автор на обемниот предговор, соопшија денеска од Феникс.
Во антологијата се застапени 36 поети, меѓу кои и: Жарко Кујунџиски, Стефан Марковски, Владимир Мартиновски, Марина Мијаковска, Елена Пренџова, Виолета Танчева – Златева, Васил Тоциновски, Иван Џепароски и други.
Во поговорот, меѓу другото се подвлекува дека оваа книга се објавува точно по шеесет години од катастрофалната земјина катаклизма. Беше тоа земјотрес на почвата, но и во душата и срцето. Се откорна и откина се што можеше да се откорне и откине. Грозомор – како што ја насловил својата песна Ацо Шопов за она што ја снајде Македонија и македонскиот народ. Поетите, како и птиците, сега вознесено и надалеку ја шират својата песна. Градот Скопје е извор и вруток, заклучува Петрески.
Кристина Николовска во својот критичко-есеистички текст со наслов Град-книга, ќе запише: И го има и го доживуваме славното ни Скопје како стиховен Скопски вознес, како радост на живеењето, како слава на постоењето, како поетска ода, химна на градот-Феникс, како славна песна на прераѓањето, како снажен симбол за обновата, како светски симбол за хуманост, синергија и нова енергија… Како метафора за птицата Феникс, но и како сјајно книжевно дело на издавачката куќа „Феникс“. Ете, такво ни Скопје расте од оваа прекрасна и снажна стиховница која со стих нè израдува, та вдоми цел „град“ стихови понесени од својот град.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.