Градот Скопје денеска го објавија тендерот за избор на проектант што ќе го изработи идејниот проект за првата линија на брзиот автобуски систем – БАС (Bus Rapid Transit – BRT) или популарно наречен „трамвај на тркала“. Станува збор за брза автобуска линија од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, со приближна должина од 12,81 километри во една насока, 21 автобуска постојка и 2 автобуски терминала. Рокот за пријавување е 3 септември.

Приближниот број патници кои ја користат оваа траса изнесува околу 65.000 на ден. Со имплементацијата на првата фаза од овој проект се очекува времето на патување од сегашните 70 минути, да се намали за повеќе од 50 отсто, да се зголеми фреквенцијата на автобусите на 3-4 минути (во врвен интервал), автобусите да бидат на хибриден CNG погон, со должина од 18 метри“, се наведува во Проектната задача за првата линија објавена од Град Скопје.

Од проектантот се очекува да ги изработи идејниот сообраќаен проект, архитектонскиот идеен проект, градежниот идеен проект, како и идејните проекти за сообраќајниците, за машинска инсталација и опрема, за хидротехника, термотехничка инсталација и анализа за ризиците на проектот. Во оваа фаза ќе се анализира и капацитетот на постојното депо на ЈСП во Ѓорче Петров и ќе се направи проектирање на нови содржини за идното депо во Ново Лисиче.

Идната траса на првата линија на „трамвајот на тркала“ би се протегала од кружниот тек на булеварот „Партизански одреди“ и улиците „Лука Геров“ и „Борис Сарафов“ до терминалот во Ново Лисиче кај последната автобуска станица на линиите 5 и 15.

Со идејниот проект проектантите всушност ќе треба да изнајдат решенија за обезбедување простор за движење на БАС-то во Скопје, бидејќи брзите автобуси ќе треба да се движат по физички одвоена траса, а автобуските стојалишта би се наоѓале на средишниот дел од сегашните булевари. Ако ова не е возможно, проектантот ќе треба да достави предлог по која сообраќајна лента е најизводливо да се движат автобусите.

За „трамвајот на тркала“ ќе треба да се одземе по една сообраќајна лента и жардињерите на сообраќајниците по кои ќе минува оваа линија: булевар „Партизански одреди“, булевар „Св. Климент Охридски“, улица „Димитрие Чуповски“, улица „11 Октомври“, булевар „Кочо Рацин“, булевар „Кузман Јосифовски – Питу“, булевар „Јане Сандански“, улица „Видое Смилевски – Бато“ и улицата „Февруарски поход“.

Во проектната задача, која е вклучена во тендерската документација, се наведува дека со првата БАС линија од Ново Лисиче до Ѓорче Петров и обратно би се стигнувало за 35 минути, со комерцијална брзина на автобусите од околу 19,2 километри на час.

Компаниите заинтересирани да учествуваат во тендерот за изработка на проектната документација за идеен проект треба да ги достават своите понуди до Град Скопје најдоцна до 3 септември. Проценетата вредност на договорот за изработка на идеен проект е 5 милиони денари, без ДДВ. Најповолниот понудувач ќе има рок од 100 дена за да ја подготви проектната документација по доставувањето на писмен налог за воведување во работа, се наведува во тендерската документација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.