За депонијата со отровот линдан кај Пеленица, Драчево, се знае уште од 2008 година, а ние за ова ги предупредивме сите надлежни органи уште лани. Дури годинава Министерството за образование ги забрани сите екскурзии за ученици кои со години се организираат токму на таа локација, соопштија денеска од О2 коалицијата.

Покрај двете депонии со линдан во кругот на фабриката ОХИС, дури сега надлежните органи најавија некакви мерки, па општината и Владата ќе почнат со некакви активности за санирање на штетите и од оваа илегална депонија.

За ова уште лани беа предупредени Министерството за животна средина и просторно планирање, заменик-министерот Јани Макрадули, сегашниот градоначалник на Кисела Вода Филип Темелковски, а информацијата за тоа ја имааа и поранешните градоначалници на општината Кисела – Џорџе Арсов, Марјан Ѓорчев, Билјана Беличанец – Алексиќ…

„Кој ќе одговра за ова? За вакво загрозување на животот и здравјето на граѓаните, пред сè на децата, најмалку што треба да се поднесе е правна и мoрaлна одговорност. Затоа прашуваме дали ќе проработи совеста и ќе има ли одговорност на одговорните, а пасивни функционери од сегашната власт, која со сигурност знае повеќе од една година за оваа депонија, но и претходните функционери кои со сигурност знаеле за ова уште од 2008 година. Бараме одговорност за непреземање акција да се идентификува, огради, анализира и отстрани опасниот отпад, да се спречат последиците по здравјето на луѓето во целиот изминат период.

Лани на на 11 септември, на заминик-министерот Јани Макрадули му ги врачивме нашите барања за преземање итни чекори за подобрување на состојбата со воздухот и почвата. Истиот ден барањата беа испратени и до претседателот на Владата, замениците на претседателот на Владата, министерот за животна средина и просторно планирање, министерот за транспорт и врски, министерот за здравство, министерството за економија. Наредниот ден (12 септември 2017 година) барањата беа објавени во медиумите.

Едно од барањата е до крајот на март 2018 година да биде извршено идентификување на илегалната депонија на линдан надвор од ОХИС, во предворието на Драчево за која се смета дека има околу 8.000 тони линдан и покривање на истата, додека не биде почнат процесот на отстранување на отпадот, квалитативно и квантитативно испитување на воздухот, почвата и подземните води во таа област. Од тогаш се изминати речиси 16 месеци.

Лани во октомври, сегашниот градоначалник на Кисела Вода, Филип Темелковски, ги потпиша нашите барања за Кисела Вода. Едно од нив е иницирање на постапка до МЖСПП, Влада на РМ за прецизно лоцирање на илегалната депонија на линдан кај Пеленица. И од тогаш изминаа повеќе од 14 месеци“, се вели во реакцијата на О2 коалиција.

Минатиот понеделник од Владата информираа дека за илегалната депонија на линдан е формирана комисија која ќе ја утврди веродостојноста на информациите. Истиот ден Владата потпиша меморандум со Норвешка и УНОПС за формирање на заеднички фонд за чистење на двете депонии со линдан од кругот на Охис. Дента во медиумите излезе и информацијата за депонијата кај Пеленица. Веднаш потоа беше издадена и наредбата за забрана за изведување екскурзии на ученици во оваа област.

Линданот е пестицид чија употреба е забранета уште во 2009 година, а депониите со овој канцероген отпад во дворот на фабриката ОХИС го загадуваат воздухот и подземните води во скопскиот регион.

Официјални податоци за депонијата во Пеленица има во првиот локален еколошки акциски план за Кисела Вода од 2008 година, каде стои дека локалното население се жали на непријатна миризба на линдан и дека големи количини на хемиски отпад со голема токсичност се складирани, за повторно да се објават и во вториот ЛЕАП од 2016 година.

„Зошто ништо не е преземено до сега кога барем 10 години официјално има податок кој вели дека големи количини на хемиски отпад со голема токсичност бил складиран на оваа локална депонија во метални буриња плитко закопани под земја и не се знае дали е излеан и претставува закана за подземните води и поширокиот регион? Уште тогаш се бараше да се извршат темелни истражувања, проценка на ризикот и мерки за санација. 10 години се поминати од ова барање. Информацијата е долго присутна за оваа депонија на линдан кај Драчево. Не е од денес и не е од минатиот понделник. Се знаело, ама не се делувало“, пишува во реакцијата на О2 коалиција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.