Во Скопје ќе има мсовно преименување на улиците, односно главниот град ќе добие 571 ново име на улици во градот.
Како што информираат од градската администрација, Советот на Град Скопје на претстојната седница ќе расправа за дополнување на Листата на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Скопје. Со усвојувањето на ова дополнување, постоечкиот регистар на имиња се предлага да биде дополнет со вкупно 571 име.
Од Градот велат дека листата опфаќа имиња на истакнати личности од областа на градското, националното и светското културно и историско наследство, поважни настани од македонската и светската историја, имиња дадени според топоними на градови во земјата и регионот и други имиња.
Со ова дополнување на листата предвидено е да се зголеми бројот на имиња на женски личности и настани кои оставиле белег во историски и културен контекст, како и на припадниците на немнозинските заедници кои живеат во Скопје, но и на бројот на топоними со регионално и светско значење. Од вкупно 571 име, 479 се имиња на истакнати личности од кои 79 се имиња на жени, додека пак останатите 92 имиња се имиња на поими кои означуваат поважни настани, топоними и други поими. Во дополнувањето на листата вратени се и имињата на улиците од периодот на солидарноста и изградбата на повоено Скопје, а кои беа отстранети со претходни одлуки на Советот на градот – велат од Град Скопје.
Оттаму велат дека Град Скопје спровел онлајн анкета во летото 2019 година на која граѓаните ги дале своите предлози за имиња на градските улици, а листата била дополнета и со други формално доставени иницијативи. Во листата се вклучени имињата на народни херои и други носители на позначајни државни одликувања, познати личности и настани од светската историја, имињата на скопските градоначалници, ректори на скопскиот универзитет, академици, државници, стопанственици, научници, спортисти, уметници и друго.
Согласно Законот за определување на имињата на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти Името на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект може да биде определено со географско, етнографско, историско и друго обележје, име на истакната личност од областа на историјата, науката и културата, други погодни имиња, како и име на значаен настан и датум, врз основа на листа на имиња.
Законот предвидува две одделни постапки за утврдување на имиња и нивно задавање не конкретни топоними. Листата на имиња ја утврдува Советот на Град Скопје, по претходно добиена согласност од Владата. При утврдувањето на листата на имиња од страна на Советот на градот Скопје, општините од подрачјето на градот Скопје даваат мислење по истата.
По добиената согласност од Владата, Советот на Град Скопје ја усвојува листата, а дури потоа може да се пристапи кон менување на конкретни имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, коишто се менуваат со посебни одлуки на Советот.
Сите идни промени на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје согласно овој закон предвидено е да се црпат исклучиво од оваа листа.
Целиот список на новите имиња на улици ТУКА.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.