Неколку возила на Итната медицинска помош поминаа во двата правци и кон „Охис“ и кон Центар, откако попладнево избувна пожар во округот на скопската фабрика, кој сè уште е активен.  На терен се четири противпожарни возила.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) попладнево на прес-конференција само потврдија дека пожар има, но детали рекоа дека ќе соопштат подоцна.

Засега не е позната причината за избувнувањето на пожарот.

Жителите се загрижени од неподносливата смрдеа што се шири од огнот, како и од силниот ветер кој може да го прошири пожарот.

Од безбедносни причини веќе неколку часа затворен за сообраќај е булеварот „Борис Трајковски“ кон населбата Драчево, а возилата се пренасочуваат кон Лисиче, што создаде колони на возила и гужва во тој дел од градот.

Во Скопје моментно се активни 18 пожари од кои три се најкритични, во Кучково кон Горно Свиларе, меѓу Добри Дол и Ракотинци во Сопиште, како и во Горно Блаце, соопштија денеска на прес-конференција директорот на ЦУК Стојанче Ангелов и неговите соработници, додавајќи дека за само неполн час се пријавени нови седум пожари. Причина за ваквата алармантна ситуација се високите температури и силниот ветер кој го отежнува гасењето, велат тие.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.