Град Скопје и Општина Ѓорче Петров немаат слух за проблемите на граѓаните – се жалат жителите кои се соочуваат со проблемите од дивата депонија кај Обиколницата, во близина на Волково.
Пријавено е во Инспекторат на Град Скопје, директно кај директорот Мирослав Богдановски. Од таму испратија екипа од тројца инспектори кои дојдоа на 10 јануари. Фотографираа и тука заврши се. Не можеле ништо да направат. Ни рекоа сами да сме си нашле решение, не упарија во Сектор за Комунални работи. Тој сектор е под Град Скопје, како што е и инспекторатот, но нема интерес за решавање на проблемот – велат жителите од овој крај.
Група револтирани граѓани побараа помош од еколошките здруженија и медиумите. Велат доаѓа лето, депонијата ќе шири и смрдеа и зарази, а градот како надлежен, заедно со комуналната инспекција и Општина Ѓорче Петров мува не ги лази.
-Со мал прст не се мрда за да се расчисти овој ужасен дел. Од ден на ден депонијата станува се поголема, секојдневно се фрла шут, смет, различен отпад кој е извор на разни инфекции и се шири ужасна смрдеа. Тука шетаат и се хранат кучиња скитници, низ ѓубрето бездомници бараат работи кои може да им се најдат. Се шири зараза – се жалат жителите кои долго време низ институциите бараат помош за проблемот.
Депонијата се наоѓа на клучката каде жителите на Воклово се вклучуваат на обиколницата. Велат сметот се разнесува и низ Волково со што се зарозува здравјето, пред се на децата, но и на сите жители од овој дел.
Вчерашната изјава на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кој се пофали од резултатите на инспекциските служби, само го зголеми револтот кај граѓаните.
Инспекторатот на Град Скопје е прва институција од ваков вид во нашава држава која е достапна за граѓаните 24 часа дневно и е целосно транспарентна во својата работа. Воведовме 24 часовно дежурство на комуналните инспектори. Вршиме секојдневни контроли на градилиштата, на подземните контејнери, спроведуваме акции во соработка со МВР за отстранување на нелегални продавачи на Бит-пазар, на Зелениот пазар, пазарот во Ченто и пазарот „Буњаковец“, на улицата Македонија, на плоштадот „Македонија“ и на други локации. Успешно ја спроведовме првата кампања за собирање остатоци од берба на стрништата, а беа изречени и казни за палење стрништа. Минатата, 2019 година, Секторот Инспекторат на Град Скопје бележи зголемување на обемот на работа на сите видови инспекции – рече вчера Шилегов.
Инспекторите, коментираат граѓаните се на терен, но само за парадирање.
-Дојдоа, прошетаа, сликнаа и си заминаа. Тоа не е работа, тоа е чиста глума. Нека дојде Шилегов да види дали има некаков ефект од работата на тие негови инспектори кои наводно се достапни за граѓаните 24 часа. За фалење сите први, за работа никаде ги нема – додваат тие.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.