На денешната седница за советнички прашања во советот на Град Скопје Светлана Колариќ од ВМРО-ДПМНЕ го праша градоначалникот Петре Шилегов за кои цели на Против пожарниот сојуз кој е невладина организација, за 2020-та година му се префрлени 29 илјади денари. Во година во која поради короната сите училишта се затворени, а се знае дека овој Сојуз соработува со училиштата.

 

-Градот Скопје само за 2020 година префрлил шест пати по 300 илјади денари или вкупно 1 милион и 800 илјади денари односно 29 илјади евра. За кои активности се префрлени овие пари, бидејќи за 2017-та година префрлени се 700 илјади денари што е голема разлика. Од каде е потребата во 2020 година на овој противпожарен сојуз на град Скопје да се префрлат 29 илјади евра, кога поради пандемијата училиштата се затворени и немаат потреба од соработка со овој Сојуз, рече Колариќ. Градоначалникот рече дека за ова прашање писмено ќе и одговори на советничката.

 

За тоа колку има вработени на неопределено време во Градот Скопје заклучно со денешниот ден, советничката Ирена Попова го праша градоначалникот Шилегов колку лица се ангажирани и преку Агенцијата за вработување и колку лица се хонорарно ангажирани по било каков основ. Околу средните училишта Орце Николов и Браќа Миладиновци, Попова посочи за јавен оглас за набавка кои го имаат објавено и двете средни училишта, а предмет на договорот е угостителски и кетеринг услуги за потребите на училиштата.

 

-Моите информации се дека износот на едната набавка е 200 илјади денари, а во другото е 339 илјади денари. Во услови на светска пандемија, на економска криза, во услови кога средните училишта од март минатата година па се до денеска не работат и се одржува онлајн настава, а според протоколите на Здравствената комисија и не се дозволени скоро било какви активности, па би прашала за кого се овие кетеринг услуги, рече Попова.

 

Советничката Јелена Жугиќ го праша градоначалникот Шилегов колку зеленило планира да уништи за потребите на Бас рапид транзитот што ќе биде во населбата Ново Лисиче, односно во паркот на последна 5ка. Станува збор за околу 10 хектари.

-Исто така колку зеленило ќе се уништи од Булеварот “Видое Смилевски Бато” до Железничката станица. Станува збор за околу 3 километри и спорд моите информации има преку 400 високо развиени стеблести дрва. Нели зелена престолнина ќе бидеме, вели Жугиќ.

 

Александар Трајановски од ГРОМ пак, го запраша градоначалникот Шилегов околу електронска јавна набавка каде што Градот Скопје постојано врши набавка на одредена ставка која што се повторува од 2019-та, 2020-та и 2021-ва година.

 

-Станува збор за набавка која не можам да ја најдам како реализација на терен. Тоа е набавка на јавни чешми за пиење вода, нивно одржување и монтажа. Во 2019 се исплатени 2 милиони денари, во 2020 набавката изнесува два пати по 2 милиона денари и еднаш 700 илјади денари и во 2021-ва година два пати по 2 милиона денари и 700 илјади денари. Ова правно лице соработува исклучиво со Град Скопје. Би сакал градоначалникот Шилегов да ми одговори за што точно станува збор, праша Трајановски.

Трајановски напомена дека истата фирма со тројца вработени го кити и градот Скопје за новогодишните празници, и истата фирма поставува корпи за отпадоци, контејнери, продава терапија за корона вирусот на болницата 8ми Септември, а во времето што им преостанува сервисираат и продаваат пумпи и електро мотори.

Градоначалникот Петре Шилегов не одговори, а за кратко потоа беше прекината Зум конференцијата на која се одржува седницата на совет на Град Скопје со образложение дека била прекината конекцијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.