Од минута во минута сè повеќе и повеќе средношколци се собираат пред зградата на Владата, откако денеска во повеќето скопски училишта беше бојкотирана наставата во знак на револт поради загадувањето на воздухот, во пресрет на денешниот голем протест против загадувањето.


Средношколците со заштитни маски и транспаренти прво излегоа во училишните дворови со пораки за „Чист воздух“, а сега пред Владата порачаа „Сакаме чист воздух!“ и „Зелено Скопје“.

Некои од нив слободно го изразија своето негодување против загадување, но некои се соочуваа со закани од наставниците и директорите на училиштата.

Меѓу оние кои денеска ја бојкотираа наставата беа и учениците од средното училиште „Никола Карев“, а директорката таму им се закани дека ќе сносат последници за своите постапки. Снимката со директорката беше објавена на социјалните медуми, а на неа таа вели: „Само вие протестирате и нема настава. За последиците не ви гарантирам“.

Директорката брзо беше разрешена.

За денеска во 17 часот пред Министерството за животна средина е закажан уште еден протестен марш против загадувањето – Марш за нашите животи! СТОП за 3.500 жртви од загадениот воздух!, кој ќе се одржи во организација на Зелен фронт, Зелена Револуција.

Во исчекувања на првиот рок за исполнување од нашите над 100 барања – 31.12.2019, #ЗеленФронт на здружени над 40 граѓански движења, иницијативи, организира втор протестен марш, во петок, 20-ти декември. Времето и маршутата остануваат исти од претходниот марш. 17:00 пред Министерството за животна средина, крајна цел: пред Влада. Остануваме на улиците за да ги потсетиме на нашите барања, затоа што ова е прашање на живот или смрт, кое не смее да чека повеќе ниту момент, се вели во објавата за протестот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.