Сопственикот на приватниот автобуски превозник од Скопје, „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, соопшти дека нивните автобуси нема да сообраќаат на линиите 9, 12, 22, 23 и 45, поради тоа што ЈСП „Скопје“, односно Град Скопје не го исплатил долгот кон компанијата. Нема да има приватни градски автобуси ако Град Скопје не најде решение за долгот од близу милион евра.

Првиот човек на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски рече дека со месеци не им се исплаќаат пари и не се почитува динамиката која ја договориле на последниот состанок, а тоа е едно евро по километар, како и месечните аванси за неколку месеци наназад. Во знак на револт наместо на улица, автобусите ќе заминат пред Град Скопје.

На последната средба во Градот се договоривме да има исплати на секои 15 дена, но тоа не се почитува. Пари од продажба на билети и месечни карти секој ден се собираат, но нас не ни се префрлаат пари. Имаме сомневање дека од тие пари кои всушност се наши пари, ние сме ги сработиле, се плаќаат други обврски на претпријатието. Ние треба да возиме и да даваме пари за гориво од наш џеб, а парите што сме ги сработиле да се даваат на друг, вели Ленин Јовановски од превозникот „Слобода превоз“.

Засега ќе се пуштат возила само за приградските населби, бидејќи таму ЈСП нема автобуси, па ако и тие ги укинат овие граѓаните ќе бидат целосно отсечени од градот, што не сакаат да дојде до сообраќаен хаос.

Јовановски додаде дека доколку не се одржи средба со претставници на Град Скопје и градското претпријатие, ќе има протести, а ако и натаму нема резултат, приватните превозници најавуваат штрајк.

Во опција е и поднесување претставка до Антикорупциската комисија, а можеби и тужба на адреса на директорот на ЈСП за злоупотреба на службена должност, затоа што парите наменети за нас се пренасочуваат на друга страна, изјави Јовановски.

Јовановски вели дека со градоначалничката Арсовска, која ја поддржа на локалните избори, не се во блиски односи, па за сите проблеми кои ги има, го упатила да комуницира со градскиот секретар.

Со градоначалничката Арсовска не сме толку блиски за да се слушаме на дневна база. Последниот пат кога ја побарав за проблемите со кои се соочуваме ми рече за сите прашања да комуницирам со секретарот на Градот. Тој е известен за нашата одлука и доколку до крајот на денот не се најде решение, утре дел од автобусите нема да ги има на улиците. Можеби на некој тоа и му е намерата, да престанеме да возиме и како што направија со ‘Макекспрес‘ и со нас да го раскинат договорот. Но, потоа скопјани ќе останат без јавен превоз оти ЈСП немаат плус 200 автобуси за да ги заменат сите линии на кои возиме ние приватниците, вели Јовановски.

Пред еден месец автобусите на ЈСП „Скопје“ не возеа еден ден кога вработените стапија во колективен штрајк зашто немаа земено плата. Потоа, поради долг кој не можеше да го наплати од ЈСП односно од Град Скопје, престанаа да сообраќаат автобусите на приватниот превозник „Макекспрес“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.