15. јубилеј на најмасовната спортска манифестација во државата, Виз Ер Скопски маратон, ќе се одржи во сабота, 4. мај 2019 година, со почеток во 08.30 часот во срцето на Скопје, пред Собранието на Македонија. Тимот на Виз Ер Скопски маратон, Сојуз на спортови на Скопје, порача „Најголемиот спортски спектакл е подготвен!“. Тие повторно се надминаа и го срушија рекордот со тоа што се пријавија над 12.000 учесници од 58 држави.
Оваа година за оваа манифестација Градот Скопје од својот буџет издвои 1.500.000 денари, а ги стави на располагање и сите јавни претпријатија под негова ингеренција, кои беспрекорно ја вршат својата работа и за тоа им упатувам јавна благодарност. Ги повикувам сите граѓани на Скопје, во сабота, 4. мај да излезат во што поголем број, да им посакаат добредојде и да им пружат поддршка на сите учесници, спортисти и рекреативци, истакна Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов како домаќин на манифестацијата. Тој додаде дека особено го радува фактот што меѓу натпреварувачите годинава се пријавени и околу 60 вработени во администрацијата на Градот Скопје.
Ние веруваме дека не можат да се постават маргини на спортот и на здравиот начин на живеење. Затоа секојдневно се трудиме да се надминеме себеси во нашата работа. Колку подобри чекори ќе дадеме, толку повеќе луѓе се пријавуваат и влегуваат во светот на спортот. Со ова убедување успеавме 15. јубилеј да го направиме за сеќавање и да го срушиме рекордот со тоа што се пријавија над 12.000 учесници од 58 држави од целиот свет. Воведовме новини во секој сегмент и дадовме сѐ од себе да го зајакнеме хуманитарниот карактер на настанот. Секој можеше да донира преку givengain.com и да учествува на бесплатните тренинзи кои беа поддржани од страна на Делегацијата на ЕУ во склоп на нивното покровителство на штафетниот маратон ‘ЕУ за спорт’. Воедно, оваа година стартот го преместивме пред Собрание во очекување на големиот интерес. Исто и патеките беа подложни на промени, сѐ со цел да им биде полесно на учесниците. Тие беа измерени од страна на официјални претставници од ИААФ и АИМС и се обнови постоечкиот сертификат за точност исполнувајќи ги сите стандарди за учество на Олимписки игри и Светски првенства, рече Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопски маратон.
Тој додаде дека од клучно значење се и навивачите да ги бодрат учесниците и ги повика да се пријавуваат за најдобар транспарент и најдобра фотографија посочувајќи дека и оваа година има околу 30 музички точки долж патеката на кои можат да им се приклучат.
Виз Ер Скопскиот маратон е под покровителство на Делегацијата на Европската Унија, Град Скопје и Агенција за млади и спорт.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.