Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје престанете да ја уништувате велосипедската патека на бул. „Партизански одреди“, порачуваат од граѓанската иницијатива „На точак“.

Едно е што со години одбегнувате да ја обележите патеката, што не правите заобиколувања на автобуските постојки, што при секоја „реконструкција“ заборавате да ги слеете рабниците, а сосема друго е што при секој зафат на булеварот страда велосипедската патека.
Поставивте контејнери на патеката.
Поставивте семафори на патеката.
Поставивте бандери за известување дека е пешачки премин на патеката.
Што толку ви згрешила велосипедската патека на Партизанска?
Наместо да се трудите да направите едноставно праволиниско движење, вие секоја година ја оплеменувате патеката со нови пречки.
Лани при копање на зеленилото направивте дупки во асфалтот на патеката. Цела година измина, асфалтот не го поправивте, дополнително се погриживте да направите нови дупки онаму каде што работите.
Наместо да разговараме за проширување на мрежата, ние се враќаме назад, се трудиме да ја одржиме постоечката патека во квазинормална состојба.
Фасцинантно е како се промовира развој на велосипедска мрежа низ цело Скопје, а на терен се уназадува функционалноста на постоечката инфраструктура.
Негрижата за постоечката велосипедска инфраструктура, укажува дека односот ќе биде ист и кон новите велосипедски патеки, кои така ревносно се промовираат, а грижата за нивно одржување, ќе изостане, според досега презентираното во пракса.
Уништувањето на патеките мора да сопре!, порачаа тие.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.