Петре Шилегов е убедливо поразен на изборите за градоначалник на Скопје од страна на Данела Арсовска. Она што се навестуваше по првиот круг се оствари и по вториот. Разликата од околу 8.000 гласови се зголеми на 30.000.
На што се должи тоа
Има неколку причини, а најголема е црната кампања што Шилегов и Заев ја водеа против Данела Арсовска поврзана со наводниот бугарски пасош. Ниските удари проитв неа надополнети со оцрнувањето на социјалните мрежи, на билбордите и во медиумите имаа спротивен ефект.
Наспроти тоа, Арсовска цело време водеше позитивна кампања и говореше само за проекти за менаџирање на градот што на крајот граѓаните го препознаа.
Ароганцијата која Шилегов ја покажуваше во текот на целата кампања кога и немаше со што да се пофали за она што го сработил придонесоа и голем дел од поддржувачите на СДСМ да гласаат против или едноставно да не излезат на гласање и со тоа да испратат јасна порака.
Дека Шилегов едноставно не можеше да го избегне поразот, покажува и тоа што Арсовска имаше убедливо водство во речиси сите скопски општини освен во Центар и Сарај.
Сарај пак е посебна приказна
Онаму каде што Шилегов очекуваше да го надополни минусот на гласови, не се оствари. Тој во првиот круг доби 8450 гласови, а во вториот 7549.
Значи не само што не ги доби очекуваните гласови туку бројката се намали. Зошто е тоа останува да видиме и дали со ова ДУИ му испрати порака на Заев за тоа што јасно не ѝ даде поддршка на Арифи во Тетово.
И за крај, завршниот удар на Шилегов му го зададоа и Петар Георгиевски Камиказа и Арбен Шакири со нивниот повик да не се гласа за Шилегов. Тоа на контото на Аровска сигурно донесе неколку илјади гласови плус.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.