Според законот, за обнова на објект треба само да се достави проект и елаборат. Јас тоа го направив пред да почнам да градам. Нема никакво ограничување со што ќе го обновам објектот кој сум го легализирал. Според проектот, станува збор за објект само со приземје, немаше да кревам втор спрат, тоа ќе беше покривот, рече Мевљудин Алити, сопственикот на дивоградбата пред „Мавровка“, веднаш по рушењето на објектот.

Ќе тужам, не само пред домашни судови, дури и пред Стразбур, рече Алити, покажувајќи ги проектите. Нека руши државата како што е научена да руши. Ми ги остави вработените без плата, семејството без леб, додаде Алити.

Еден од неговите адвокати праша по кој основ премиерот Зоран Заев може да ѝ даде помош на Општина Чаир без да биде побарана.

Зошто Општина Охрид кога бара помош за рушење на дивоградбите никој не им ја дава. Ова нека биде позитивен пример, нека оваа влада си ја заврши работата во сите општини. А за оваа општина и овој објект си има институции, си има документација, ќе одиме на суд, ќе си бараме оштета. Он си има легално право да си го обнови објектот, кажа адвокатот.

Сопственикот Алити тврди дека не треба да бара одобрение за градба за обнова на објект кој што претходно го легализирал. Кажа и дека му платил на градот 4,7 милиони денари за легализација на објектот и дека на Општина Чаир ѝ доставил елаборат и проект и не знае зошто градоначалникот Висар Ганиу велел дека не знае кој гради.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.