Утрово на 31 декември, на часови пред Нова Година, инвеститорите не мируваат, работници почнуваат да ги сечат дрвјата на првата парцела на Водно за која е издадена градежна дозвола, предупредуваат од Шанса за Центар.

Граѓаните од улицата „Питу Гули“ се вчудоневидени од итањето да се почнат работите на парцелата иако почнуваат празниците. Вчера Советот на општина Центар едногласно ја задолжи општината и Градоначалникот да побараат вонреден инспекциски надзор на целото ова подрачје од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам. Како образложение се изнесоа бројните дописи од граѓаните од улица Козара, од улица Питу Гули и од улица Салвадор Аљенде за спроведување на овој Детален урбанистички план, велат од граѓанската организација.

Денеска е повикан и Државниот инспекторат за животна средина да направи увид во тоа што се сече и дали за тоа има дозвола.

Две локации на кои се бара вонреден надзор од градежниот инспекторат се за новопроектирани улици кои ќе овозможат пристап до парцели за градење кои сериозно ќе навлезат во шумата на Водно, а сите ние ќе изгубиме зеленило кое не штити од поплави, ерозии и загадување. За потсетување се работи за улици кои би воделе меѓудругите и кон целото подрачје со плацовите кои се дел од активниот судски случај во јавноста познат како „Плацови на Водно“.
На други места се направени плански решенија, но врз основа на погрешни влезни податоци, како на пример во планот улица Козара е обележана како улица со ширина девет метри, а реално на терен е измерена дека е шест метри. Овие грешки може да се ненамерни, но и намерни, а со цел да се оствари корист на малкумина за поголем габарит на градби, со што штета би се нанела на многу соседи, граѓани и објекти на локациите, велат од Шанса за Центар.

Шанса за Центар бара планот кој овозможува корист за малкумина, а штета на многумина, со помош Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам да биде стопиран за понатамошна реализација.

За овој план деновиве јавноста е добро запознаена преку медиумските извештаи за заградувањето на плацовите на Водно каде што е планирано да се гради станбена зграда и пристатпен пат кој ќе води длабоко во шумата и ќе им одземе и дел од дворовите на жителите.
Шумата е богатство на сите нас и заштита на целиот град од порои и загадување на воздухот и мора да ја одбраниме. Време е да повлечеме линија и да го заштитиме заедничкиот интерес и квалитетот на животот на граѓаните од налетот на моќниците, порачуваат тие.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.